Холандскиот фудбалер Вирџил ван Дајк потпиша нов долгорочен договор со тимот на Ливерпул, објави денеска англискиот клуб.
– Неверојатно чувство. Тоа е нешто на што сум многу горд, на што се горди моите деца и сопруга. Целата напорна работа што ја вложив досега продолжува и со нетрпение очекувам што ќе донесе иднината. Воодушевен сум, многу среќен и горд-изјави 30-годишниот дефанзивен играч.
Ван Дајк заигра во Ливерпул во почетокот на 2018 година, кога се пресели од Саутемптон. Одигра 130 натпревари за „црвените“, постигна 13 голови и освои трофеи во Премиер лигата, Лигата на шампионите, Европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство.
Поради повреда на десното колено, Ван Дајк ја заврши минатата сезона во октомври, а во подготвителниот период пред новата сезона одигра три натпревари.
Ливерпул во сабота ќе игра против Норич во првото коло од Премиер лигата.