Ван Дaјк се збогува со Холандија и Ливерпул?

од Vladimir Zorba
62 прегледи

Капитенот на холандската репрезентација и славниот англиски клуб, Вирџил ван Дaјк, најавува дека летото ќе го искористи добро да размисли за својата иднина во Ливерпул и репрезентацијата на својата земја.

По трагичниот пораз од Англија во 91. минута и елиминацијата во полуфиналето на ЕУРО 2024, капитенот на Холандија Вирџил ван Дaјк посочи дека летото ќе го искористи за да ги преиспита своите планови за во иднина. Асот на Ливерпул пред неколку дена, на 8 јули, наполни 33 години и лесно може да се смета за фудбалски ветеран.

„Ова ќе биде лето за размислување. Добро ќе размислам што сакам, на клупски и репрезентативен план. Сега прво ќе закрепнам. Ова беше многу долга сезона, во која вложив многу емотивна енергија, што е нормално во мојот случај. Тоа не го менува фактот дека беше многу тешко“, изјави Ван Дaјк за холандскиот voetbalzone.

Договорот на Ван Дaјк со Ливерпул важи (само) уште една година. Холандскиот дефанзивец во англискиот печат се поврзува со можна профитабилна авантура во Саудиска Арабија. Во секој случај, ќе има промена на менаџерот на „Енфилд“. Поранешниот тренер на Феенорд, Арне Слот го наследи Јирген Клоп, кој по девет сезони се повлече од клупата на Ливерпул.

Ван Дaјк смета дека холандската репрезентација има светла иднина.

„Имам голема доверба во иднината. Тоа е одличен тим во моите очи. Одличен тренер исто така. Затоа мораме да ја задржиме вербата и да гледаме позитивно на иднината. Сега секој може да тагува и да биде разочаран. Ако примите гол во последната секунда, тоа е гадно. Она што моментално доминира е разочарувањето. Нашите соништа се распаднаа. Тоа е многу емотивно“.

Загубеното полуфинале е еден од најболните порази на Ван Дaјк во кариерата.

„Губењето на финалето во Лигата на шампионите беше исто така многу тешко. Но, сега, по една ваква сезона во која имаше се и овој турнир на кој се случуваше се, за нас како тим, но и за мене, боли она со што треба да се носам. Ја вложив целата моја енергија во победата, а потоа станува емотивно на крајот, бидејќи турнирот е завршен“, изјави Вирџил ван Дaјк.

Слични содржини