Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен од вчера е во дводневна посета на земјава, а утрово беше пречекан со највисоки државни и воени почести пред вилата „Водно“. Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Теми на разговор беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија, можностите за нивно продлабочување со акцент на економската соработка, текот на европските интеграции на нашата земја, како и отворените прашања на Западен Балкан и состојбите во поширокиот регион.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Ван дер Белен и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Според агендата за посетата, двајцата претседатели треба да се обратат и на македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.
За време на официјалната посета, австрискиот претседател Ван дер Белен ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.
Својата официјалната посета на Република Северна Македонија австрискиот претседател Ван дер Белен ја почна вчера со посета на Охрид.