С. Македонија направи тежок, но вистински избор. Вашата иднина е во ЕУ и вие сте на правиот пат, вели австрискиот претседател Александар Ван дер Белен кој е во дводневна посета на земјава.
Ван дер Белен на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, порача дека Австрија целосно ќе ја поддржува С. Македонија на патот кон ЕУ.
-Во рамките на скрининг процесот, добивме многу позитивни повратни информации за вашиот учинок и сакаме С. Македонија да ја охрабриме да биде и понатаму концентрирана и посветена. Убедени сме дека ќе успеете да ја направите промената на Уставот и после тоа по план да тече процесот за прием во ЕУ, потенцира Ван дер Белен.
Тој потенцира дека со Охридскиот рамковен договор, земјава е пример во регионот во однос на заеднички соживот.
-Треба да се гледа напред и во правец на заедничка европска иднина. Знаеме дека ова е тежок пат за вас, дека фрустрацијата околу времетраењето на процесот е разбирлива, но ве молиме не ја губете целта од вид, додаде австрискиот претседател.