Холандија сепак потврди дека е најсилната селекција во групата Г и со победата над Норвешка синоќа во Ротердам (2:0) изборија пласман на Светското првенство.
Луј ван Гал не можеше да биде на клупата, поради повредата со која се здоби по падот од велосипед, но во инвалидска количка стигна до соблекувалната за да го прослави патувањето во Катар со играчите.
Со неговото доаѓање, холандскиот тим успеа да се стабилизира по лошото Европско првенство, но искусниот селектор истакнува дека имало страв пред последниот натпревар.
„По мечот со Црна Гора се плашев дека се ќе заврши. Расположението беше лошо“, изјави Ван Гал.
Холандија минатата сабота можеше да го потврди преминот на Светското првенство во Подгорица, но Црна Гора стигна до изненадувачко реми – од 0:2 до 2:2.
Во решавачкиот меч, во кој имаа потреба од бод, момците на Ван Гал ја завршија работата.
„Одигравме компактно, мислам дека Норвешка не создаде ниту половина шанса. Играчите го реализираа планот, постигнаа два гола… Фантастично“, изјави Ван Гал.
„Да не успеевме сигурно ќе заминев, нема шанси да продолжев“, заклучи тој.