Холандскиот тренер Луис ван Гал смета дека оставката на Ед Вудворд од менаџерската функција во Манчестер Јунајтед може да биде шанса на Ерик Тен Хаг за успех на „Олд Трафорд“.
Во март, Ван Гал, кој не ја пропушти можноста да изрази негативно мислење за „црвените ѓаволи“ кои ги водеше во периодот од 2014 до 2016 година, изјави дека подобро е Тен Хаг да оди во вистински фудбалски клуб отколку во комерцијален , каков, според него, е Манчестер Јунајтед.
„Сега има ново раководство. Порано беше Вудворд, сега Ричард Арнолд. Ова може да направи разлика. Ќе почекаме и ќе видиме. Тен Хаг е многу самоуверен, па кој сум јас да кажам нешто за ова?“, рече Ван Гал.
Искусниот стручњак го прокоментира и можниот трансфер на дефанзивецот на Ајакс, Јуриен Тимбер во Манчестер Јунајтед.
„Мислам дека играч со неговите квалитети може да игра во Премиер лигата. Тоа не е проблем. Прашањето е дали сега треба да го направи овој голем чекор. Ако оди некаде каде што нема да игра редовно, тоа нема да биде многу мудро“.