Во моментов можам да кажам дека една од најголемите политички партии не се придржува до она што е договорено и не почитува никакви крајни рокови, што е неприфатливо во водењето на преговорите и постигнување на конечен договор.

Ова го изјави белгискиот олеснувач Питер ван Хојте пред почетокот на денешната рунда преговори меѓу четирите политички партии потписнички на договорот од Пржино, за избор на специјален јавен обвинител
Ван Хојте пред новинарите соопшти дека, пред денешната рунда преговори се соочуваат со голем проблем кој е поврзан со две работи.
Тој покажа лист хартија на кој, на англиски и на македонски беше испишан „зборот е збор“.
– Генерално кога влегуваш во преговори велиш и се држиш до тоа дека, зборот е збор. Ако постигнеш договор околу нешто со даден рок, се придржуваш до предвидениот рок. Во моментов една од најголемите политички партии не го почитува рокот и не го почитува договорот – изјави Хојте.
Покажувајќи друг лист на хартија, на кој беше испишано „отчетност“ на англиски и на македонски, посочи дека вториот дел од проблемот е уште поголем, а се однесува на отчетноста.
– Ние во Европа имаме систем на вредности и мислам дека земјите кои се кандидати за членки во Унијата, би требало да го почитуваат тој систем на вредности, од кој најважен е отчетноста. Што значи дека секој јавен службеник, функционер има должност на одговорен начин да соопшти што правел, за да можат граѓаните да донесат одлука дали тоа ќе го прифатат или ќе го отфрлат. Ако има некакви сомневања за можна злоупотреба на моќта и проневера на јавни средства, тоа треба да биде истражено и процесуирано независно за тоа за кого станува збор и тоа е едно од вредностите што очекуваме да се почитуваат и за кој се надеваме дека еден ден ќе бидат дел и од вашето општество – рече Ван Хојте.
На новинарско прашање, која е партијата која не се придржува до договореното, Хојте одговори дека тоа е ваше (н.з новинарите) да дознаете.
Тој соопшти дека, има нацрт верзија врз основа на која ќе се избере специјалниот јавен обвинител и за која ќе се разговара на денешната средба на која исто така тема ќе бидат и имињата на потенцијалните кандидати за специјален јавен обвинител. /МЕТА