Ван Хојте: Францускиот предлог е компромис, ЕУ е вашата иднина

од Nikola Popovski

Белгискиот експерт и поранешен олеснувач за преговорите од Пржино, Питер Ван Хојте преку отворено писмо го поздравува францускиот предлог за одобрување на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и кревање на бугарското вето. Според него, благодарение на францускиот предлог, можен е сериозен напредок.

-Да, Бугарија ќе ги почитува основните права на Македонците поврзани со идентитетот, јазикот и културата. За возврат, вашата земја конечно ќе може да го започне процесот на пристапување во ЕУ. Ја почитувам храброста на вашата Влада да се согласи со францускиот предлог. И да, овој предлог е компромис. Како што би рекле во Белгија: „компромисот е добар ако двете страни се чувствуваат малку незадоволни од исходот“. Но, овој предлог ви овозможува конечно да го започнете процесот на пристапување. Вратата е отворена, не ја заклучувајте повторно, вели Ван Хојте во своето обраќање до граѓаните на Македонија.

Тој нагласува дека „ЕУ е вашата иднина и ЕУ ќе отвори многу можности за вашиот економски развој, за вашата иднина и иднината на вашите деца“.

-Затоа, не плашете се да ја направите вистинската опција, туку активно вклучете се во процесот на пристапување. Го разбирам националистичкото негодување од некои политички партии. Како опозиција, нивната улога е да се спротивстават – и да бидеме јасни: секогаш е полесно да се спротивставиме на одлука на владата отколку да се согласиме со неа и да ја поддржиме. Играњето на емоции во таков случај е уште полесно. Но, не правете го тоа овој пат: ајде сега да се фокусираме на интеграцијата на вашата земја во ЕУ и како сите ќе имаме корист од ова. Да ги избереме вистинските приоритети за нашата иднина. И до националистичката опозиција: денес Северна Македонија е вистинска национална држава, со специфична култура, своја историја и признати официјални јазици и заедници. Не се затворајте во минатото, туку вклучете се во заедничка иднина. Заслужувате еден ден да станете членка на ЕУ, вратата е отворена, затоа ве молам, придвижете се напред!, дециден е Ван Хојте.

Според него, „за преостанатите прашања меѓу Македонија и Бугарија, ако има проблем, има и решение.

-Продолжете да разговарате едни со други за да се договорите за решенијата и за патот напред. Вашата влада има многу компетентни министри кои ќе продолжат да им служат на вашите интереси. Уверен сум дека тие ќе испорачаат и активно ќе се вклучат во интеграцијата во ЕУ, заедно со Комисијата на ЕУ и претставниците на земјите-членки на ЕУ, стои во писмото на белгискиот експерт.

Слични содржини