Ванчо Михајлов не бил фашист, рече Георгиевски на судењето против избришаниот бугарски клуб во Битола

од Nikola Popovski
189 прегледи

Поранешниот премиер, Љубчо Георгиевски се појави пред Основниот суд во Битолa како сведок во случајот против екс-претседателот на сега веќе избришениот клуб „Културен центар Иван Михајлов“, Љубчо Ѓоргиевски.

Во своето сведочење, Георгиевски посочил дека самиот понудил да сведочи во случајот откако станало јасно дека „во овој случај ѝ се суди и на историската личност Иван Михајлов“.

Како одговор на прашањата на одбраната, лидерот на ВМРО-Народна истакнал дека „Михајлов не бил фашист, ниту антиевреин, дека не бил осуден ниту во Кралството Југославија, ниту во Република Македонија, ниту во Италија, каде што живеел во последните години од својот живот“.

Тој посочил дека неговата желба да сведочи е поради, како што вели, двојниот стандард на Обвинителството да го суди Михајлов за нешто што се случило пред 80 години, додека во исто време во Македонија се одбележуваат настани од српската окупација и тоа не предизвикува реакција“.

Во судницата моментално се изведуваат завршните зборови на обвинителството и одбраната.

На македонскиот Бугарин, Ѓоргиевски му се суди за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална основа и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Случајот против него започна во јули 2023 година.

Клубот „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар во март 2023 година откако Министерството за правда одлучи дека името на клубот ги повредува националните чувства на Македонците, поради соработката на Михајлов со фашистичкиот окупатор. Од Централен регистар тогаш рекоа дека клубот не го усогласил името со измените во Законот за здруженија и фондации.

Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Претходно, бугарскиот клуб најави дека правдата ќе ја бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Слични содржини