Ванчовистите биле единствените што се бореле за независна Македонија во Титово време, тврди Георгиевски

од Nikola Popovski
316 прегледи

За кавга се потребни двајца. Мораме прво да бидеме самокритични дека во изминатите децении не сменивме ништо. Со мали исклучоци, останавме со старата реторика и приказна кон Бугарија. Во моментот кога дојде премиерот Зоран Заев за да се смени политиката и затоплувањето, Бугарија реши да заигра тврдо со три акти кои се доста груби и сурови кон Македонија. Прво беше Декларацијата во бугарското собрание, Меморандумот до ЕУ и на крај самото вето, вели поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски во емисијата „Трилинг“.

Георгиевски смета дека од двете страни постои потпалување на говорот на омраза едни кон други.

-Влеговме во циклус кој повеќе ќе блуе омраза. Бугарија се поставува на начин како непријателите да им ја прават политиката, вели поранешниот премиер.

Според него, во последно време настана трка околу Гоце Делчев.

-Сметам дека пред ветото имаше добра позиција од македонска страна преку државниот врв дека Делчев е заеднички херој. Тоа беше невидена отстапка дека делиме заеднички херој. Бугарската страна од Историската комисија не сфаќа каква шанса добила кон доаѓање на некоја релативна вистина. Кај нив преовладува атмосфера кај што Македонија треба да се победи со 10:0, посочува Георгиевски.

Тој наведува дека Ванчо Михајлов, Тодор Александров и Борис Сафаров се залагале дека во Македонија живеат македонски Бугари.

-Кога ќе ги погледнете биографии и историите, ќе видите дека Ванчо Михајлов се определувал како и првиот претседател на ВМРО, Христо Татарчев. Тој е претседателот на Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Никола Карев. Дисквалификуваме луѓе од македонската историја поради само еден документ што ќе им го најдеме. Најголемата хистерија ја крена ВМРО-ДПМНЕ. Тие во својата програма имаат три конгреси на Ванчо Михајлов. Ванчовистите биле единствените што се бореле за независна Македонија во титово време, информира Георгиевски.

Слични содржини