Вандализам: Оштетени бистите на Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга

од Nikola Popovski
487 прегледи

Непознати лица ноќеска ги вандализирале спомен бистите на македонските поети Анте Поповски и Славко Јаневски во Струга.

Како тоа да не било доволно, главата на еднакво важниот македонски поетски бард Славко Јаневски била свртена наопаку на бетонскиот постамент.

-Најостро го осудуваме вандалскиот чин на сквернавење на бистата на еден од најистакнатите македонски поети Анте Поповски, којашто беше откорната и фрлена во крајбрежјето. Настанот е пријавен во полиција, извршен е увид и очекуваме сторителот да биде најден и против него да биде поднесена пријава, вели Тодорче Тасевски, директор на поетската манифестација Струшки вечери на поезијата (СВП).

Тој апелира за елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали.

-Не сакаме да претпоставиме дека аналфабетите вандали што го извршија овој чин воопшто имаат претстава дека денес, на 1 октомври се навршуваат 18 години од смртта на Анте Поповски. Бистата привремено ќе биде отстранета за да се извршат потребните технички зафати за нејзино поцврсто фиксирање на постаментот за да се оневозможат ваквите вандалски чинови!, додава Тасевски.

– Настанот е пријавен, полициски екипи веднаш излегоа на терен да извршат увид на местото каде е извршено оштетувањето – вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Слични содржини