Ванг Ји ги осуди САД и ги пофали односите со Русија

од Vladimir Zorba
292 прегледи

Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји во четвртокот ја осуди надворешната политика на САД и го пофали партнерството меѓу Пекинг и Москва, додавајќи дека хуманитарната ситуација во Газа е „срам за цивилизацијата“.

Ванг, искусен 70-годишен дипломат, ги осуди повеќекратните обиди на САД да го „притиснат“ Пекинг и „нивните напори да ја обвинат Кина под каков било изговор“, што „достигнало незамисливо ниво“.

„Постојано се појавуваат нови начини за притисок врз Кина, а списокот на еднострани санкции постојано се продолжува“, нагласи Ванг Ји, додавајќи дека „цврсто се спротивставуваме на секоја хегемонија и заплашување“.

Кинеско-американските односи се затегнати по неколку точки: за прашањето за Тајван и трговијата, потоа тие се ривали во развојот на технологиите и во борбата за влијание во азиско-пацифичкиот регион, како и за прашањето за позициите за човековите права.

Ванг Ји ги даде овие изјави за време на годишната седница на кинескиот парламент. За прашањето за Тајван, тој предупреди дека лидерите на Тајван кои бараат независност ќе мора да одговараат пред историјата.

Кина го смета Тајван за своја територија, а независноста на островот е поддржана од САД. Ванг Ји, исто така, ја отфрли идејата дека Пекинг претставува закана за светскиот поредок.

„Во време на нестабилни и сложени меѓународни односи, Кина решително ќе биде сила за мир, стабилност и напредок во светот“, посочи тој.

Ванг Ји ја потврди поддршката на Пекинг за палестинската кауза и уште еднаш побара од ОН да ја признаат интегралната палестинска држава.

„Нема добро оправдување за масакрот на цивили“, нагласи Ванг, додека конфликтот меѓу Израел и Хамас сè уште беснее во Појасот Газа.

„Фактот што денес, во 21 век, оваа хуманитарна катастрофа не може да се запре е човечка трагедија, згора на тоа, е срам за цивилизацијата“, додаде тој, повторувајќи го повикот на неговата земја за прекин на огнот.

Кинескиот министер во четвртокот ги бранеше и добрите односи на неговата земја со Русија, додека Кина е критикувана од Западот поради Украина.

Иако Пекинг повикува на почитување на територијалниот интегритет на сите земји, вклучително и Украина, тој никогаш јавно не ја осудил Москва.

„Кина и Русија создадоа нов модел на односи меѓу две големи сили, сосема поинаков од стариот од ерата на Студената војна“, рече Ванг Ји.

„Врз основа на неврзаност и избегнување конфронтации и таргетирање на трети земји, ќе продолжиме по патот на постојано добрососедско пријателство и продлабочување на севкупната стратешка соработка“ со Москва“, нагласи тој.

Кина се обидува да се позиционира како посредник и неутрална страна во војната, но односот меѓу Пекинг и Москва се продлабочи од почетокот на конфликтот.

Во однос на Европската унија, која покажува зголемена недоверба кон Кина и ја опишува Кина истовремено како „партнер, конкурент и системски ривал“, Ванг Ји оцени дека „ова тројно позиционирање не е ниту во согласност со реалноста, ниту е одржливо во пракса“.

Тој ја опиша позицијата на Европската унија „како автомобил да е на раскрсница и сите црвени, жолти и зелени светла се вклучени. Во која насока да се вози?“, праша тој.

„Не постои фундаментален конфликт на интереси меѓу Кина и Европа“, посочи Ванг Ји, за кого „заедничките интереси на двете страни многу ги надминуваат нивните разлики“.

Слични содржини