Вангелов: Не е работа на Димитров да определува кога и како Македонија ќе ги спроведува усвоените препораки

од Nikola Popovski
326 прегледи

Не е работа на Димитров да определува кога и како Македонија ќе ги спроведува веќе усвоените препораки, туку на соодветните институции во државата, вака политикологот и член на Мешовитата историска комисија Огнен Вангелов во изјава за „Локално“ ги коментира денешните изнесени ставови на копретседателот на Комисијата од бугарска страна, Ангел Димитров.

Во врска со идните препораки, Вангелов вели дека Комисијата работи според веќе утврдена агенда и дека динамиката за решенија не зависи само од македонската страна туку и од конструктивноста и волјата на бугарската страна.

-Нема никаква итност во носење препораки—тие ќе бидат усвоени само тогаш кога ќе се постигне согласност од двете страни, а за тоа ние не можеме да даваме прогнози, посочува политикологот.

Во однос на што се дискутираше на последниот состанок меѓу двата тима на историчари и експерти, Вангелов информира дека се дискутирало според предвиденото од дневниот ред, а тоа се останатите бугарски забелешки за учебниците од седмо одделение за средниот век.

-Дискусиите продолжуваат понатаму на следниот состанок во Софија. Не може да се наметнува динамика за тоа кога ќе има решенија за тие забелешки. Ќе има решенија тогаш кога ќе се постигне согласност, а тоа зависи исто така од волјата на бугарската страна да се постигне согласност, дециден е Вангелов.

Димитров денеска обвини дека во Македонија нема подготвеност за промени. Тој бара нашата држава да направи сериозни измени во учебниците и дека тоа треба да се направи веднаш.

-Зборуваме за учебникот надвор од нашата заедничка историја. Белешките за нашите учебници се општи, не допираат важни работи во толкувањето и се пуста желба, но она што треба да го направат е да видат реципрочна акција, почитување на заедничката комисија, да направат сериозни измени во нивните учебници. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови, рече меѓу другото Димитров за бугарските медиуми.

Н.П.

Слични содржини