Вангелов: Самиот факт дека Софија прави сè да го минира Извештајот за Македонија јасно укажува дека нивниот вистински проблем не е внесувањето Бугари во Уставот туку воопшто постоењето на македонскиот идентитет

Дали има „победник“ со одложувањето на Извештајот за Македонија: „Проблемот останува во ЕУ која нема доволна политичка волја да ја изолира Бугарија како членка која постапува целосно спротивно на европските вредности кон својот сосед“

од Nikola Popovski
417 прегледи

По барање на известувачот за Македонија Томас Вајц, Комитетот за надворешна политика го одложи разгледувањето и гласањето на извештајот за земјава по 24 јуни. Со ова австрискиот европратеник одговори на притисоците на бугарските колеги дека имал заткулисни разговори со надворешни фактори од Македонија кои влијаеле на неговите ставови за извештајот. -Апсолутно јас и тимот кој го работевме документот стоиме на кажаното, ова не е обиде да се решат билатералните прашања помеѓу Скопје и Софија дециден е Вајц. Бугарските европратеници ликуваа на одлуката да се одложи гласањето и за предлог извештајот за земјава. Ивајло Валчев од има таков народ ја нарече одлуката мудра, одговорна и навремена. Од друга страна романскиот европратеник Дан Барна и шпанскиот Санчез Амор со пофални зборови за работата на Вајц и извештајот, осуда за навредите и црната кампања кон нивниот колега.

На основниот предложен текст на извештајот доставени беа 313 амандмани најмногу од грчките и бугарските европратеници. Посебно внимание привлекоа измените за македонскиот јазик и идентитет. Предлогот на еден бугарски пратеник идентитетот да биде сегашен ги разгоре тензиите со земјава. Државниот врв остро се спротивстави на како што велат обидите Македонија да се претстави како бугарска творба.

Европски парламент

Останува дебатата каква порака се испраќа со одложувањето и дали некоја од официјалните дипломатии издвојува победа преку овој начин? Според политикологот и поранешен член на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија, Огнен Вангелов, останува да видиме што ќе се случи на 24 јуни и каков извештај ќе се усвои, што ќе биде променето и колку ќе биде разводнет првичниот текст за да знаеме што точно се случило.

-Иако не знаеме точно што пишува во извештајот, медиумите известуваа за споменување на македонскиот идентитет на што бугарските пратеници настојувале да се додаде дека тој е „сегашен“ – односно имплицитно да ја рефлектира нивната позиција дека до пред 1944 бил „бугарски“. Претпоставувам главната битка што тие сега ја водат е максимално да се релативизираат тие референци за да бидат задоволени нивните интереси. Така што, она што е очигледно за мене е дека извештајот силно удрил во нервот на бугарските претставници и тие ќе се потрудат по секоја цена тој извештај да не содржи експлицитни ставови во врска со македонскиот идентитет, вели Вангелов во разговор за „Локално“.

Инаку, во принцип, додава соговорнникот, невообичаено е за вакви извештаи да потврдуваат или признаваат нечиј идентитет, но нашата ситуација во европските интеграции е уникатна, прво со грчкото вето врзано за идентитетски прашања, а сега со бугарското.

-Бугарија сопственото негирање на македонскиот идентитет сака да го направи и европско негирање преку инструментите во ЕУ, па затоа текст кој дава свој став како контратежа на бугарските агресивни притисоци, а кој би бил изгласан од Европскиот парламент, е за нас, во овој момент и пожелно и неопходно. Проблемот сепак останува во ЕУ која нема доволна политичка волја да ја изолира Бугарија како членка која постапува целосно спротивно на европските вредности кон својот сосед. Бугарија, бидејќи е свесна за таквата индиферентност на ЕУ, се труди максимално да ја зацврсти својата позиција и затоа не само што е непопустлива туку без каков било срам на европско ниво ги промовира своите ретроградни ставови. Таа практично не трпи никакви опипливи штети за таквото однесување, наспроти, на пример, Унгарија која повеќепати беше санкционирана досега за различни прекршоци, потенцира Вангелов.

известувачот Томас Вајц

Смета дека она што известувачот Вајц се обидува да го направи преку Европскиот парламент е значајно, барем на едно симболично ниво, да ја демаскира позицијата на Бугарија пред европската јавност. Политикологот посочува дека самиот факт дека Бугарија прави сè да го минира тој извештај сосем јасно укажува дека вистинскиот проблем на Бугарија не е внесувањето Бугари во македонскиот устав, туку воопшто постоењето на македонскиот идентитет.

-Ако се потсетиме, Бугарија самата јавно ја обзнани својата гротескна позиција уште во 2020 во објаснувачкиот меморандум кој го испрати до сите земји-членки на ЕУ, но како интерен документ, кој потоа протече преку австриското МНР. Во однос на тоа дали изгласувањето ќе доведе до замрзнување на односите, не гледам што може повеќе да се замрзне во односите меѓу двете земји од нивото на кое се сега, заклучува Вангелов.

Н.П.

Слични содржини