(ВИДЕО) Ванхауте не се сомнева дека Груевски ќе го испочитува договорот од Пржино

од desk3
75 прегледи

 

Посредникот во разговорите меѓу претставниците на политичките партии потписници на договорот од Пржино Питер Ванхауте денеска пред почетокот на средбата во Клубот на пратениците рече дека очекува денеска или најдоцна утре пред средбите на еврокомесарот Хан во Скопје да биде постигнат договор за прашањата поврзани со медиумите и избирачкиот список.

peter-vanhoutte-500x324

– Денеска ќе разговараме за методологијата за избирачкиот список и за медиумите. Очекувам конструктивна соработка од сите партии. Се надеам дека денеска ќе бидат решени овие прашања, рече Ванхауте посочувајќи дека разговорите би можеле да траат во текот на целиот ден дури и утре доколку е потребно.

Сепак, тој рече дека не може точно да каже каков ќе биде резултатот од овие разговори, но додаде дека се додека претставниците на партиите разговараат, а не се караат има надеж да биде постигнат договор.

Во однос на работата на ДИК и закажаните предвремени парламентарни избори рече дека Комисијата работи напорно на прочистување на избирачкиот список и оти е убеден дека во одреден момент, како што кажа, ќе имаме соодветно подготвени избори.

– Се надевам дека за некои од прашањата како за медиумите и за методологијата за прочистување на избирачкиот список ќе биде постигнат договор за да му се олесни на г. Хан утре да бидат заклучени некои други исто така тешки прашања, рече Ванхауте.

Запрашан дали смета дека премиерот Груевски ќе го испочитува рокот и ќе поднесе оставка, Ванхауте рече дека не се сомнева оти премиерот ќе го испочитува договорот од Пржино.

Во Клубот на пратениците пристигнаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА кои се вклучени во разговорите за прашањето за медиумите и за прочистувањето на избирачкиот список.

Ванхауте претпладнето го најави продолжувањето на разговорите со пишана изјава до медиумите во која што најави дека тие ќе траат се додека не бидат затворени овие прашања.