Ванковска до Мицкоски: Измеќарка им бев во 2019 кога се отепав од работа

од Nikola Popovski

Кандидатката за претседателка на државата, Билјана Ванковска денеска му возврати на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој претходно обвини дека професорката и лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски се „доследни измеќари на нивните работодавачи“.

-Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле. Е ајде сега играј витешки, објави Ванковска на социјалните мрежи.

-Се зезнал! Ванковска е опозиција на сите од прв до последен! Опозиција на овој гнил систем и естаблишмент, на овој црно-бел свет, додаде професорката.

Мицкоски денеска од Карпош порача дека е јасна улогата на двајцата кандидати.

-Тие практично ја имаат улогата на опозиција на опозицијата во оваа кампања и тоа го коментирав уште од самиот почеток. Неспоредлива е динамиката за собирање потписи со динамиката кај професорката Силјановска Давкова. Јасна е нивната улога – да се обидат да го ослабат потенцијалот на кандидатот на ВМРО-ДПМН’Е, немаат друг капацитет, ниту потенцијал. После резултатите во првиот круг од претседателските избори, ќе им биде јасно што може да очекуваат две недели подоцна на парламентарните избори, кажа Мицкоски, одговарајќи на прашањето за кандидатурите на Билјана Ванковска и Стевче Јакимовски.

Минувајќи го потребниот праг за потписи, Силјановска и Пендаровски им се придружија на останатите петмина кандидати кои ги собраа потребните потписи, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од За наша Македонија, Арбен Таравари од Алтернатива, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Останатите кандидати засега имаат собрано значително помал број на потписи, а најмногу меѓу нив имаа Мерсиха Смаиловиќ од Партијата на Бошњаците и независниот кандидат Вело Маркоски, за кои се потпишале по околу 1.400 лица.

Слични содржини