Ванковска до Османи: Тешко ми е да прифатам пост и ифтари во време на геноцид во Палестина

од Nikola Popovski
304 прегледи

Османи очигледно прави свои „црни листи“ на подобни и неподобни. За Јакимовски му е јасна поентата (се наоѓа на американска црна листа), но за мене можеби знае нешто што јас не го знам, вака реагира кандидатката за претседателка, Билјана Ванковска откако нејзиниот противкандидат Бујар Османи не ја спомена во објавата за заедничка ифтар вечера со сите противници во трката за шеф на државата.

-Второ, разговор за избор на ЕВРОПСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ не ме интересира бидејќи јас се кадидирам за МАКЕДОНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ. Мојата легитимација ќе ја барам од мојот народ и од никој друг (па таман да е и ЕУ), додава Ванковска во својата реакција.

Според неа, „да организираш гоштевање за ифтар во време кога деца умираат од глад во Газа е во најмала рака непристојно и нечовечно“.

-Јас оваа година мислите, мојата емпатија и меѓународна солидарност ги упатувам кон Палестина, и тешко ми е да прифатам пост и ифтари во време на геноцид. Интересно е што Османи ниту еднаш не изрази сочувство или солидарност со Палестинците. Останав јас сама со кефијата околу мене. Нека им е на здравје вечерата на тие што ќе ја прифатат. Јас не припаѓам во тоа друштво, стои во објавата на професорката, поддржана од Левица за претседателската трка.

Османи преку социјалните мрежи упати покана за заедничкиа ифтар вечера со политичките противници во претседателската трка. Меѓу поканетите, покрај Ванковска, не беше ниту лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски.

-На денот кога ја чекаме потврдата на нашите кандидатури за претседател на Република Северна Македонија, сакам да ги поканам кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски на заеднички ифтар со цел во духот на овој месец да разговараме и да се договориме за позитивна, конструктивна кампања и натпревар на идеи за да добиеме европски претседател, објави Османи на социјалните мрежи.

ДИК денес ги потврди седумте поднесени кандидатури за шеф на државата, што значи дека во трката влегуваат Пендаровски, Силјановска-Давкова, Османи, Таравари, Ванковска, Димитриевски и Јакимовски.

МВР имаше рок од 24 часа да провери дали кандидатите за иден шеф на државата ги исполнуваат условите, односно да се македонски државјани, да имаат наполнето 40 години и да престојувале во државата 10 од последните 15 години.

Дијаспората ќе може да гласа само за претседателските избори, бидејќи за парламентарните нема доволно пријави.

Слични содржини