Македонија нема да биде членка на НАТО доколку професорката и кандидатка на Левица, Билјана Ванковска ја добие довербата за петгодишен мандат.
Кандидатката за претседател од Левица, најавува, согласно уставните ингеренции, излегување од овој воен сојуз, бидејќи како што вели, во наредниот период светот нема да се промени на подобро, а државата меѓу другото ќе мора да го финансира овој, како што го нарече, воено-индустриски комплекс.
Ванковска рече дека земјава исчезнува во Бермудскиот триаголник на трите договори, Охридскиот, Бугарскиот и Преспанскиот и затоа е потребно да излеземе од нив, ако сакаме да станеме вистинска држава. Таа Македонија ја гледа како алка во мултиполарен свет.
Исто така порача дека нејзините противкандидати бегаат од директни соочувања што не доликува на една демократија.
-Ни ја зедоа државата. Нема веќе демос, има само етнос. И кога една од противкандидатите зборува за гордост, јас се прашувам кога тоа ние во скоро време сме биле горди. Јас зборувам за достоинство. Достоинството е да достоиш на својот принцип, а потоа можеш да бидеш горд. Бегаат од мегдан. Јас им фрлам ракавици. Од пазарчиња, од улици, од социјални мрежи. Тоа што го кажа Апасиев: ‘Ќе ги растуриме на дебати’, ги уплаши. Така што, сега бегаат од мене и од соочувања. На крај, ќе излезе дека сите се за Бугарите во Устав. Само јас сум против, кажа професорката.