Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова вчера во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, преку видео-конференциска врска им се обрати на македонските мировници. Во присуство на нивните семејства, таа на припадниците на Армијата, кои се на работни задачи во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и во Германија, им се заблагодари за успешното извршување на тешките задачи и гордото претставување на македонската армија и држава.
На ова реагираше професорката и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска.
„Од честитката на Претседателката сфатив дека сме имале „мировници“ во четири европски држави, членки на НАТО и ЕУ (Латвија, Романија, Бугарија и Германија). Видете, овие припадници на АРМ можат да бидат сѐ освен МИРОВНИЦИ! Нека ја советува некој да не се брука! Ова е да умреш од смеа (да не е тажно): стаса Македонија да го чува мирот во Германија, меѓу другите“, наведува Ванковска.
Како што додава професорката, мировни сили можат да се пратат во мировна мисија само со одлука на Совет на безбедност на ОН, и тоа во специјални околности (чување на мирот).
„Да не почнале внатрешни конфликти во или меѓу овие четири земји? Или, многу поверојатно, Македонија спрема војници за немировна мисија во Украина? Не пиеме нафта и срамота е да користи езопов јазик за да не се сетиме“, стои во објавата на Ванковска.
Годинава, македонската Армија значително го зголеми своето присуство во рамките на засиленото истурено присуство на НАТО, особено на источното крило на Алијансата во Латвија и Романија. Покрај овие мисии, македонските војници продолжуваат да бидат дел и од мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ) и КФОР на Косово, со што земјата го потврдува својот статус на кредибилен партнер во меѓународните мировни операции.