Ванковска: Уште пред 14 години напишав дека „Македонија е федерација ама нема кој да ѝ каже“

од Nikola Popovski
300 прегледи

Професорката и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска се огласи со свој став по повод последните инциденти во земјава и сквернавењето на македонското и албанското знаме на неколку места. Таа особено се осврна на вчерашната изјава на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

-Гаши: “Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува, туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која и да е таа. Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите.”

Ако вака зборува првиот меѓу еднаквите во ДЕМОКРАТСКО И НАРОДНО ПРЕТСТАВНИЧКО ТЕЛО, ако тој дели лекции за НАШИ и ТУЃИ – тогаш заклучокот е дека и тој таму за мнозинството граѓани е ТУЃ, затоа што македонското ДРЖАВНО знаме не го смета за свое!

Во 2010 година напишав колумна со наслов “Македонија е федерација ама нема кој да ѝ каже”. Пред 14 години! И затоа немојте сега со паѓање во несвест ! Ова не е држава, колонија е. А дел од популацијата е на страна на колонизаторот, стои во објавата на професорката.

Спикерот Гаши, остро ги осуди инцидентите со државните знамиња, опишувајќи ги како постапки кои ги нарушуваат државните и националните интереси. На 28 ноември, за време на прославата на Денот на независноста на Албанија, македонското знаме беше искинато, што предизвика голема реакција од јавноста и институциите.

Гаши повика на истрага за мотивите и одговорноста на сторителите, нагласувајќи дека почитувањето на сите симболи е од суштинска важност за стабилноста.

Втор ден не стивнуваат реакциите по сквернавењето на македонското знаме. Партиите со осуда, но и со меѓусебни обвинувања. СДСМ бара итна лидерска средба за стабилност, премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина за такво нешто, но вели дека ќе размисли. Од ДУИ, пак најавија интерпелација за министерот Панче Тошковски.

-Во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат. За инцидентите што се случија на Денот на албанското знаме ќе одговараат сите и нема да има компромис спрема ниту едно лице кое го прекршило законот истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.

Слични содржини