„ВАР го уништува фудбалот, не беше пенал за Англија“: Селекторот на Холандија крена глас

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Селекторот на холандската фудбалска репрезентација, Роналд Куман и капитенот на националниот тим Вирџил Ван Дајк ја коментираа елиминацијата од Европското првенство по шокантниот пораз од Англија во Дортмунд.

По водечкиот гол на Холандија, Англија успеа да дојде до пресврт и финале со Шпанија, а херој на „Гордиот Албион“ беше Оли Воткинс, резерва и напаѓач на Астон Вила, кој во 90. минута ги постави конечните 2:1.

„Чувствував дека во последните 20 до 25 минути нашата репрезентација беше малку посвежа од Англија, но тие постигнаа одличен гол во последната минута. Тоа е фудбалот, нема да кажам дека беше несреќен пораз, бидејќи голот беше одличен. Можеме да бидеме навистина горди на нашата репрезентација и играчите кои имаа одличен турнир“, рече Куман.

Тој го коментираше и пеналот за Англија, кој беше досуден дури по реакција од ВАР собата.

„Ако ме прашувате мене, тоа не требаше да биде пенал. Кејн ја шутна топката, а потоа нивните копачки се допреа. Мислам дека не можеме да играме фудбал нормално и сето тоа е поради ВАР. Тоа навистина го уништува фудбалот“, изјави Куман.

Холандскиот стопер Вирџил Ван Дајк ги сумираше своите впечатоци.

„Немам зборови за ова. Страшно е кога ќе примите гол толку доцна, на ваков натпревар… Ова многу боли. Дадовме се од себе и начинот на кој загубивме е безврска“, изјави играчот на Ливерпул.

Финалето на ЕП меѓу Шпанија и Англија е закажано за 14 јули од 21 часот.

Слични содржини