Вардар го одбрани реномето и останува прволигаш

од Nikola Popovski

Најтрофејниот македонски клуб Вардар и следната сезона ќе игра во Првата македонска фудбалска лига откако попладнево во Струмица триумфираше со 2-0 против тимот од Втората лига, Детонит Плачковица од Радовиш.

Иако ја имаа улогата на фаворит, вардарци сериозно му пристапија на овој бараж- натпревар. Одлучувачки период за натпреварот беше завршницата од првиот дел кога црвено-црните ги постигнаа двата гола.

Првиот гол дојде во 42-та минута, а го постигна дефнзивецот Дејан Ѓуриќ. Тој одлично реагираше на одбиената топка во шеснаесетникот и со удар од непосредна близина го совлада Димитар Ѓорѓиев. Само четири минути подоцна, Лука Шушњара со одличен шут од околу 20-тина метри ги реши дилемите околу победникот.

Вардарци во вториот дел се решија за одбрана на резултатот, противникот се обидуваше, ама не успеваше да го загрози нивниот гол.

Треба да се одбележи и дека на трибините на стадионот во Струмица имаше и голем број навивачи на Вардар – како симпатизери така и навивачката група „Комити“, во слободна проценка околу 3000, кои постојано им даваа поддршка на „црвено-црните“ во битката за опстанок.

Вардар со оваа победа остана во Првата лига, од која сезонава испаднаа Брегалница и Македонија Ѓорче Петров, додека од следната сезона нови членови во елитата ќе бидат и Пелистер и Беса.

Слични содржини