На денешната комеморација одржана во чест на починатиот Васил Рингов, ФК Вардар веќе поднел иницијатива јужната трибина на стадионот „Тодор Проески“ да се преименува и да го носи името на прославеното фудбалско име.
Легендата на Вардар одигра преку 200 натпревари во „црвено-црниот“ дрес и има постигнато 93 голови. Вардарци во хотелот „Хилтон“ ја одржаа комеморативната седница на која се испратија пораки.
Извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски објави дека Вардар одлучил да го повлече дресот со број 11 во чест на Рингов. Струмичанецот станува првиот фудбалер во историјата на Вардар чиј број ќе биде трајно повлечен – највисока чест што клубот може да му укаже на еден играч.
Роден во Струмица (1955), Рингов уште како тинејџер ги покажа своите вонсериски квалитети во матичната Беласица. Неговиот талент го однесе во белградскиот гигант Партизан, но вистинската афирмација на сениорско ниво ја доживеа во тетовски Тетекс, каде брзо стана прва ѕвезда на тимот и го привлече вниманието на најголемите клубови.
Најсветлите моменти во својата кариера Рингов ги помина во дресот на ФК Вардар. Тој беше клучниот фактор за враќањето на „црвено-црните“ во Првата југословенска лига и главен протагонист на успесите на клубот во текот на 1980-те години.
За Вардар одигра над 200 првенствени натпревари и постигна неверојатни 93 голови, со што се етаблира како еден од најефикасните и најдобрите фудбалери во историјата на клубот.
Покрај Вардар, во својата богата кариера настапуваше и за загрепски Динамо, а имаше и меѓународно искуство во германскиот второлигаш Ајнтрахт Брауншвајг.
Неговата способност да го диктира темпото на игра и воедно да биде немилосрден стрелец го направија миленик на публиката ширум поранешна Југославија, за чија репрезентација настапуваше.