Вардар непоразен во Битола: Дибиров од седмерец донесе важен бод

од Nikola Popovski
344 прегледи

Со голот на Тимур Дибиров од линијата од седум метри во последната секунда на големото македонско дерби во Битола, Вардар ремизираше со домашниот Еурофарм Пелистер 27:27 (13:17) и со тоа остана подобар во меѓусебниот дуел по 15 кола од домашното првенство.

Вардар водеше доста убедливо во текот на целиот меч, предводен од одличниот хрватски играч за врска Анте Гаџа. Многу работи им поаѓаа од рака на црвено-црните, при што во последните десет минути влегоа со предност од 25:21, но во самата завршница дојде до пресврт.

Јосип Периќ одлично го водеше нападот на домашните. На две минути до крајот Пелистер стигна до 25:25, а Стипе Мандалиниќ со гол од седмерец во последната минута го доведе својот тим во водство од 27:26. Сепак, тимот од Скопје во последните моменти успеа да избори седмерец и да го реализира, за конечни 27:27.

Најефикасни во домашниот тим беа Стипе Мандалиниќ со седум, Немања Обрадовиќ со шест и Јосип Периќ со пет гола.

Од друга страна, играчот на натпреварот Гаџа заврши со осум, Џереми Тото со шест, а Филип Талески со пет гола.

На табелата, двете екипи се изедначени со по 40 бодови, но Вардар има подобар меѓусебен дуел.

Слични содржини