Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините против Ковид-19, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи.
Еврокомесарот Вархеји информираше дека Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.
„Во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно.“ – истакна Димитров.
Димитров: „Активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ кој што врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи. Се финализира анализата на приоритетните групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани. Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови“.
ЗПВ Никола Димитров на состанокот го информираше комесарот Вархеји и за подготвеноста на здравствениот систем за тестирање и спроведување на имунизацијата со вакцините против Ковид-19.