Лидери од земји-членки на Европската унија, министри за надворешни работи, високите функционери и политичари се собраа во Софија за да разговараат за чекорите за зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ на форумот „ЕУ Meet the Balkans“.
„Треба да го забрзаме процесот на интеграција на Западен Балкан“. Ова го изјави европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји за време на форумот.
Според него, економските разлики меѓу ЕУ и Западен Балкан се еден од главните предизвици што треба да се надминат.
Еврокомесарот го постави прашањето кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија и Албанија.
„Не можам да сокријам дека сум крајно разочаран што ова прашање се уште е на дневен ред. Мислевме дека сме го решиле пред две години, но сега излезе дека прашањето повторно е на дневен ред“, прокоментира тој.
„Ако имате овластувања и не ги користите, другите ќе мислат дека тоа значи повлекување од нив“, рече тој. Затоа, додаде, сите земји-членки мора да веруваат во моќта на процесот на проширување да донесе трансформација.
„Бев во Софија пред две или три недели и сега сум повторно тука. Секогаш ќе бидам среќен да доаѓам во Софија, онолку често колку што е потребно, за да може да се донесе одлука во јуни оваа година“, рече еврокомесарот за Добрососедство и проширувањето.
„Војната ни покажува дека немаме време за губење. Не само што немаме време, туку немаме интерес да губиме повеќе време, додаде тој.
„Економската криза и КОВИД-19 ни покажуваат до што може да доведе недостатокот на интеграција“, посочи Вархеји.