Комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји ќе се сретне со претставниците на македонските Бугари, јавија денеска бугарските медиуми.
Според нивните тврдења, средбата ќе се одржи неделава во Брисел на барање на македонските Бугари поради, како што се вели, институционалната омраза и систематската дискриминација кон нив во Република Македонија.
Претставниците на македонските Бугари во своето писмо до еврокомесарот истакнале дека „во Македонија нема желба за дијалог со нив од страна на локалните и централната власт“.
„Секојдневната стигматизација на нашата бугарска заедница и неможноста за воспоставување дијалог со локалните и централната власт создаваат предизвици за нашата заедница кои често ги надминуваат нашите индивидуални и колективни можности. Искрено се надеваме дека дијалогот со вас ќе придонесе за намалување на секојдневниот притисок врз нас – граѓаните на РСМ, кои не се плашат, и покрај ризикот од дискриминација и говор на омраза, отворено да го браниме нашето македонско бугарско наследство и идентитет“, се вели во писмото испратено до Вархеји.
Дел од делегацијата која ќе оди на средбата се Петар Колев и Георги Трендафилов од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) и Љупчо Георгиевски од бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола.