Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј денеска и утре ќе ја посети Македонската православна црква – Охридска архиепископија, соопшти СПЦ.
-На 24 мај, на празникот Свети Кирил и Методиј, патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски Стефан ќе служат литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, во сослужение на епископите на двете сестрински цркви, се вели во соопштението.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава” во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.
На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски”, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија.
– Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат”, истакна вселенскиот патријарх.
На заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава” во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви.