Варвициотис: Важен ден за Европската унија одлуката за Северна Македонија и Албанија

од Vladimir Zorba
248 прегледи

Ова е важен ден за Европската унија, а со одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, се потврдува стратешката агенда „Солун 2003“, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис, по неговото учество на видео – конференцискиот состанокот на министрите за европски прашања на Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

-Станува збор за одлучувачки чекор за европската перспектива на двете соседни земји, што ги гарантира грчките позиции. Паралелно, ЕУ во пракса ја потврдува нејзината одлучувачка одлука во регионот на Западен Балкан, факт што претставува силна политичка порака. Му честитаме на хрватското претседателство кое под тешки околности го донесе овој резултат. Ова е важен ден за Европската Унија, вели Варвициотис и додава дека сепак, не треба да се заборави дека Европа, сега треба обединета да продолжи да се бори со коронавирусот, вели Варвициотис.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, истакнува дека на крајот од патот кон ЕУ, Грција ќе се граничи со уште две земји членки на Унијата.

Во изјавата објаснува дека во текстот за почеток на пристапни преговори со двете земји, предвидени се: „обврската на Северна Македонија да ги почитува одредбите од Договорот од Преспа, а Албанија да ја почитува обврската за почитување на правата на грчкото малцинство, вклучително и пописот и правото на самоопределување и регистрација на сопственост“.

-Ќе ги следиме одблиску напредокот и усогласеноста на двете земји во спроведувањето на нивните обврски, додава Варвициотис.

Слични содржини