Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, која е во посета на Сеул, планира денеска да ја посети Корејската демилитаризирана зона, гранична област меѓу Северна и Јужна Кореја која е заеднички контролирана од двете земји, САД и Обединетите нации, пренесува АП повикувајќи се на јужнокорејски функционер.
Доколку се случи посетата, Пелоси ќе биде највисокиот американски функционер што ја посетил областа од 2019 година, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ја посети за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја вчера ги критикуваше САД за посетата на Пелоси на Тајван, наведувајќи дека „актуелната ситуација јасно покажува дека Вашингтон дрско се меша во внатрешните работи на другите земји“.
Пелоси, кој пристигна во Сеул по вчерашната посета на Тајван, претходно денеска се состана со претседателот на јужнокорејското собрание Ким Џин-Пјо и други високи парламентарни претставници на разговори за регионалната безбедност, економската соработка и климатските прашања.
По посетата на Јужна Кореја, каде што се стационирани околу 28.500 американски војници, американската функционерка ќе отпатува во Јапонија како дел од нејзината азиска турнеја.
Таа пред вчерашната посета на Тајван беше во Сингапур и Малезија.