Вашингтон ги означи четирите најголеми кинески медиуми во САД како „странски мисии“

од Vladimir Zorba
134 прегледи

Вашингтон изјави денеска дека обележал четири главни кинески медиуми што работат во Соединетите Американски држави како „странски мисии“, што би можело да ги присили некои нивни новинари да ја напуштат земјата и тоа дополнително да ги затегне дипломатските односи меѓу двете сили.

Претставници на американскиот Стејт департмент изјавија дека четирите медиуми се во основа гласноговорници на владејачката комунистичка партија во Кина и не треба да се третираат како обични странски медиуми.

Од четирите куќи, вклучувајќи ја и државната Кинеска централна телевизија (CCTV), ќе биде побарано да предадат список на сите што работат за нив во САД и секој имот што го поседуваат.

Другите медиуми што се обележани како „странски мисии“ се „Чајна њуз сервис“ „Пиплс Дејли“ и „Глобал Тајмс“.

Засега на никој не му е наредено да ја напушти земјата, но Вашингтон повлече сличен потег во февруари против пет други кинески медиуми, вклучително и државната новинска агенција Ксинхуа.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тогаш го ограничи бројот на новинари кои можат да работат за тие пет медиуми во Соединетите држави на 100 во март, што беше намалување од околу 160.

САД тогаш го наведоа зголемениот кинески надзор, вознемирување и заплашување на американски и други странски новинари во Кина како причина за ограничувањето.