Соединетите Американски Држави и Русија се блиску до договор за продолжено почитување на ограничувањата од нуклеарниот договор Нови СТАРТ, по неговото формално истекување, објави порталот Axios, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Според информациите, двете страни се согласиле да започнат разговори за можности за ажурирање на договорот и, во меѓувреме, да продолжат да ги почитуваат неговите одредби најмалку уште шест месеци. Американски функционер, цитиран од Axios под услов на анонимност, навел дека станува збор за дејствување „во добра волја“ додека траат разговорите.
Преговорите во изминатите 24 часа се воделе во Абу Даби, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа официјално не ги коментираше наводите.
Новиот СТАРТ, потпишан во 2010 година, поставува лимити за бројот на ракети, лансери и стратешки нуклеарни боеви глави на САД и Русија и претставува последниот активен договор од серијата спогодби за контрола на нуклеарното оружје, воспоставени уште од времето на Студената војна.
Во четвртокот, Европската команда на американската армија соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво, исто така во Абу Даби, оценувајќи дека комуникацијата меѓу вооружените сили е важна за глобалната стабилност и спречување на ескалации.
Од Москва, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија е подготвена за дијалог доколку Вашингтон конструктивно одговори на предлогот за продолжено придржување кон ограничувањата на Новиот СТАРТ. „Доколку има конструктивен одговор, дијалогот е можен“, рече Песков.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изрази интерес во иднина во процесот да се вклучи и Кина, иако Пекинг досега одбиваше тристран формат, посочувајќи на значително помалиот нуклеарен арсенал во споредба со САД и Русија.
Белата куќа оваа недела соопшти дека Трамп ќе донесе одлука за следните чекори во областа на контролата на нуклеарното оружје „во соодветен момент“, додека дипломатските и воените контакти меѓу двете најголеми нуклеарни сили продолжуваат.