Истражната порота во Њујорк во средата поднесе обвинение против Организацијата Трамп, компанија на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и против нејзиниот долгогодишен главен финансиски директор Ален Вајселберг, пренесува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на два извора запознати со обвинението.
Обвинението, кое се очекува да биде објавено попладнево (по локално време), е прво во речиси тригодишната истрага на јавниот обвинител Сајрус Венс во Менхетен за сомнителните финансии на поранешниот претседател Трамп.
Точните обвиненија сè уште не се познати, но „Вашингтон пост“ објави дека се поврзани со неплатен данок на бонуси, односно придобивка за менаџерите на Трамп.
Директорот на компанијата на Трамп соработува со обвинителството?
Особено е интересно што, според порталот Аксиос, обвинителите енергично извршиле притисок врз 73-годишниот Вајселберг, кој е темелно запознат со финансиите на Трамп, да соработува во истрагата. Со други зборови, да се сврти против Трамп како сведок. Вајселберг се очекува да биде изведен пред судија денес.
Трамп и членовите на неговото семејство, наводно, не биле обвинети како дел од ова обвинение, но истрагата сè уште е во тек и може да следат нови обвиненија.
„Сè уште не можам да кажам дека тој се извлече целосно“, коментираше во понеделникот адвокатот на Трамп, Рон Фишети, за „Асошиејтед Прес“, додека истовремено ги отфрли доказите за гонење како многу слаби.
Доколку компанијата се прогласи за виновна, индивидуалните деловни партнери би можеле да ги прекинат врските со компанијата на Трамп, но исто така може да бидат казнети значително.