Вашингтон притиска за забрана на рускиот ураниум

Официјалните статистички податоци покажуваат дека САД минатата година увезле руски ураниум во вредност од 1,2 милијарди долари, што е најмногу досега

од Бети Божиноска
286 прегледи

Американскиот секретар за енергетика, Џенифер Гранхолм, го повика Конгресот да ги забрани испораките на ураниум од Русија со цел да го поддржи домашниот развој на гориво за нуклеарните реактори од идната генерација, пренесува „Ројтерс“.

Во декември минатата година, американските законодавци се обидоа да воведат забрана за увоз на руски ураниум како дел од кампањата за санкции против Москва поради конфликтот во Украина. Предлог-законот, сепак, заглави во Сенатот.

Според постигнатиот договор, усвојувањето на забраната ќе ослободи средства за проширување на домашното збогатување ураниум и за производство на специјално ураниумско гориво наречено HALEU (high assay low enriched uranium), за реактори од следната генерација.

„Се надеваме дека ќе ја наметнеме таа забрана за да ги ослободиме тие средства,“ изјави Гранхолм на сослушувањето во Претставничкиот дом.

Официјалните статистички податоци покажуваат дека САД минатата година увезле руски ураниум во вредност од 1,2 милијарди долари, што е најмногу досега. Според „РИА Новости“, набавките се удвоиле на 193,2 милиони долари во декември, по обидот да се забрани рускиот увоз. Вкупната вредност на испораките на ураниум за годинава е зголемена за 43 отсто.

Според пресметките на S&P Global, Русија останува главен снабдувач на ураниум во Америка во монетарна смисла и е четврта по големина во однос на волуменот, а Канада го има првото место.

САД имаат свои наоѓалишта на ураниум, но тие не се доволни за снабдување на нуклеарниот сектор на земјата.

Во меѓувреме, Русија го има најголемиот комплекс за збогатување ураниум во светот, кој претставува речиси половина од светскиот капацитет. Според некои проценки, ќе бидат потребни најмалку пет години сериозни инвестиции за САД да ја прекинат зависноста од рускиот увоз на збогатен ураниум што се користи за гориво на нуклеарните реактори.

Слични содржини