Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KЖ- 1047/24, на нејавна седница одржана на ден 05.02.2025 година, ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Васил Јованов, а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи.
-Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци, велат од Апелација.
Вака донесената одлука со образложени причини за истата, оттаму додаваат дека ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
И Судскиот совет ќе проверува дали имало пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20 годишниот кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова. Претседателот на ова тело, Камбовски најави формирање на комисија која ќе постапува по забелешките изнесени во јавноста.
Во меѓувреме, Обвинителството ја проширува истрагата. И родителите на Васил се под лупа. Скопската полиција треба да ја провери улогата и влијанието на таткото и мајката дали на нивното дете му давале пари за да точи гориво, но и зошто му дозволувале да го вози автомобилот, ако знаеле дека нема дозвола.
Пред две години Јованов предизвикал уште една сообраќајка, но се спогодил со оштетената, платил казна и поминал без да му се суди.