Покрај родителите чии деца загинаа во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, на денешната седница на Анкетната комисија се обраќаат и дел од пратениците. Пратеничката Иванка Василевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ порача дека само кога постои функционален систем, шансите за ваква трагедија се сведени речиси на минимум.
-Од таа причина, сакам јавно и лично да ви порачам дека и ние, исто како и вие, сакаме да ја дознаеме вистината за трагедијата и бараме одговорност за истата. Исто така, сакам да ве предупредувам, не само како мајка и сестра, туку и како пратеник и професор по право, дека за она за кое што сме собрани денеска тука, нема да биде постигната посакуваната цел. Треба да знаете дека форматот на оваа Комисија и се што ќе биде кажано тука, нема да има никаков правен основ за поведување на одговорност, но, истата може да послужи за изземање од одговорност на оние кои имаат учество во ужасната трагедија, кажа Василевска.
Пратеничката потоа го прочита писмото на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски кој неодамна укажа дека со расправијата на Анкетната комисија и изведување евентуални докази и документи кои се поврзани со кривичните постапки кои се водат, постои опасност тие да се компромитираат. Тој истакна дека во моментов не е целисходно да се водат паралелни постапки за случајот во Кочани.
-Дозволете ми и слушнете во каква стапица ве донесе мојот колега и претседавач на Комисија. Веќе има судска постапка за истата работа и како правник сте должни да го знаете ова. Во својство на професор по право и пратеник, вашите изјави дадени на 64-та седница на Собранието во јули 2025 година, ве прават објективно неспособен да претседавате и водите постапка за утврдување на факти во рамките на постојната Анкетната комисија по претставката на родителите на настраданите. Димитар Апасиев е лицето кое однапред тврдеше дека обвинението ќе падне и оттаму истиот не може да биде кој ќе ја бара вистината заедно со нас, кажа, меѓу другото, пратеничката.