Откако Македонско лекарско друштво ја објави листата со имиња на доктори на кои им се доделени плакети и благодарници поради нивната борба во првите редови против КОВИД-19, голем број на граѓани преку социјалните мрежи почнаа да го оспоруваат и дополнуваат овој список објавувајќи имиња на доктори кои им помогнале на нив и нивните семејства, а не се нашле на оваа листа.
Бојан Василевски на својот Фејсбук профил ја сподели својата приказна и искуство со доктор Илир од Инфективната клиника.
-ЗА ДОКТОР ИЛИР: Татко ми 12 дена беше хоспитализиран на инфективна во Скопје во февруари. За жал не успеа да се избори со „чумава“. Во неговите последни денови кога уште можеше да зборува, кога го прашав за тоа дали го гледаат посетуваат докторите,персоналот,ми рече „ГОСПОД ЗДРАВЈЕ ДА ИМ ДАДЕ НА СИТЕ ОД БОЛНИЧАР ДО ДОКТОРИ,ЛЕТААТ КОГА И ДА НИ ПОТРЕБААТ“. Кобниот 18.02 утрото, откако ми јавија дека починал, за некои половина час ми звони непознат број. „Добар ден“ – „Добар ден“. „Дали е тоа синот на Блаже?“„Да повелете! (колку што можев во тие моменти да бидам концентриран и да обрнам внимание на непознатиот). „ Овде е доктор Илир од Инфективна. Жалам, навистина жалам но не успеавме да го спасиме Блаже.Ептен се зближивме. Ми вети дека кога ќе излезе од болница ќе ме учи џудо.За жал нема да биде тоа.Биди јак…“ Целиот збунет,од повик на човек кој нит го знам,нит претходно сум контактирал со него…Ми кажува што е процедурата сега што како треба. Ме праша за БУТЕЛ имаме немаме место.Му реков немам ништо сега ќе одам да организирам се.
Кратко ми рече „Ќе те побараат за кратко од таму ќе им дадам твој број, барем толку можам да помогнам“. За 5 минути буквално ми се јави еден дечко од БУТЕЛ…Вечерта кога се прибрав дома за да се спремаме за испраќањето на татко ми, што скршен од денот што исцпрен од прележаниот ковид, ми звони повторно бројот – „Д-р Илир овде.Само да прашам како си дали заврши се работа денес?“Едно прашање колку планина големо за човек што изгубил родител тој ден… Не сум стигнал сеуште да го запознаам докторот лично и да му се заблагодарам за се. За мене тој ја има добиено плакетата на вечноста ! П.С. Благодарам од се срце на целиот персонал на инфективна, од болничар до главна сестра, а посебно на Д-р Милена.Сведок сум за се што прават за своите пациенти. Фала ви и чувајте се!, напиша Василевски.
Со своја реакција излезе и генералниот секретар на владата, Мухамед Зекири:
-Македонско лекарско друштво доделило плакети и благодарници на лекари во првите борбени редови против КОВИД-19. Не би било ништо спорно доколку во листата беа застапени и најпосветените доктори во таа борба, а сите кои поминале на инфективното одделение секако знаат кои се тие.
Со сета почит кон сите што добиле признанија, но СРАМОТА е за ова лекарско друштво што меѓу имињата на доктори го нема доктор Илир Демири, еден од најпосветените во борбата против Ковид-19 од самиот почеток на пандемијата, па сѐ до денес и кој дури и на штаки секој ден е со пациентите!
Кој лежел на инфективна како што лежев и јас со мојата фамилија, точно знае за што зборувам и сигурно ја дели мојата вознемиреност поради овој СРАМ на Македонското лекарско друштво!.