Васко Ковачевски не е меѓу уапсените оти подолго време е надвор од државата

од Nikola Popovski
144 прегледи

Во тек е голема полициска акција во координација со Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, информираа од Министерството за внатрешни работи. Детали сепак не се соопштуваат, но според неофицијални информации, отворена е истрага за злосторничко здружување и злоупотреба на постапки за јавни набавки и јавно-приватно партнерство.

Предмет на претрес се документации поврзани со јавни набавки и снабдување со адитиви за РЕК Битола и РЕК Осломеј. Според првичните сознанија, направена е штета од 6,5 милиони евра.

Претреси се прават во повеќе градови, а има и повеќемина приведени. Детали за акцијата се најавуваат по нејзиното завршување, во текот на денот.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата потврди дека екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски е надвор од државата. Тој додаде дека единствено Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, а дека се обезбедени останатите 22 лица осомничени за криминал во врска со работењето на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.

– Имаме 23, минус еден можеби е избеган, но очекувам да биде обезбеден пред правдата. Не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме во државата, рече Мицкоски.

МВР и ОЈО ГОКК најавуваат повеќе детали во текот на денот.

Слични содржини