Важен состанок за иднината на Почетино

од Vladimir Zorba

Тренерот на Пари Сен Жермен, Маурисио Почетино се очекува во наредните денови да одржи состанок со сопственикот на клубот, Насер Ал Келаифи на кој ќе се разговара за иднината на тренерот.

Аргентинецот ги предводеше парижаните до титулата во Лига 1 на четири кола пред крајот на сезоната, но тимот разочара со настапот на другите турнири и особено во Лигата на шампионите, каде беше елиминиран во 1/8-финалето од Реал Мадрид.
Поради тоа, многу се шпекулира за иднината на стручњакот, а се очекува многу брзо да се реши, пишува „Марка“. Тој има договор за уште една сезона.

„Клубот ќе одлучи што ќе прави на лето. Во моментов се уште сум тренер и ќе бидам вклучен во носењето на оваа одлука. Без сомнение ќе се сретнам со претседателот во Катар, убеден сум дека тоа ќе се случи. Сепак, планирањето на вакви состаноци обично се случува од повисоко поставената страна“, изјави Почетино.

50-годишниот тренер го презеде тимот во јануари 2021 година, на местото на Томас Тухел. Под негово водство парижаните досега имаат 55 победи, 13 нерешени и само 15 порази, а минатата сезона го освои и Купот на Франција и Суперкупот на Франција.

Доколку дојде до разделба меѓу Почетино и ПСЖ, најверојатна замена за Аргентинецот ќе биде Зинедин Зидан. Неговото име долго време се наведува како опција за нов ментор и не е ни чудо тоа да се случи. Според други информации, клубот имал разговори и со Антонио Конте, но менаџерот на Тотенхем ова го опиша како „лажна вест“.

Слични содржини