Откога чукнав во дрво три пати, ќе си дозволам да констатирам дека вчерашниот ден и протестот кој се одржа во него заслужуваат да се наречат како историски.
На констатацијата секако дека секој кој е согласен со неа може да се надоврзи со свое објаснување зошто го споделува мислењето: некој поради масовноста, други поради неверојатно позитивната атмосфера, трети поради над-партијскиот момент, четврти (и претпоставувам најбројни) поради несомнениот и со голо око лесно видлив мулти-етнички состав на демонстрантите.
Но историјската етикета која овој ден ја заслужува сепак се должи на еден друг побитен момент кој отсега понатаму ќе служи како меѓник помеѓу досегашното и следното. Ова е првиот протест во кој во директен судир дојдоа двата столба на земјата – општеството и државата. Затоа најпрецизниот опис за карактерот на денешниот протест треба да се фокусира и гo форсира токму овој заеднички именител кој е политички, економски, безбедносно и пред се културолошки поважен од (веќе здосадените) набројувања на етничкото шаренило по теркот “македонци, албанци, турци, срби”. Рака на срце, колку и да се повторува тоа шаренило, нејзината сплотеност не треба да се преценува, посебно не во светло на сите оние концерти во кои Цеци и Брени збираа подеднакво шаренолика дружба на етникуми во публиката. Мулти-етничката биологија не е и не може да биде мерило на мулти-културната свест.
Општествениот карактер на протестот е битен поради et pluribus unum индивидуална мотивираност на рајата која препозна дека од спротивната страна има по лик и име сличен заеднички именител на една групација сплотена во намера да го држи во заложништво општеството како капитален услов за нејзина доминација. Но со сосема различна мисловна и морлана матрица.
Водејќи се од таа премиса, може да се каже дека – слично на други примери од соседството и минатото – вистинскиот водач на таа општествена пизма и револт е токму објектот на консензулната омраза: власта персонифицирана во ликовите Груевски – Ахмети. Таа омраза кон нив ги надминува поделбите и во добра мерка дезавуира дури и опозицијските субјекти, инстиктивно стремејќи да се фокусираат на отстранување на злото.
Притоа, иако пораката на таа енергија е усмерена кон отфрлање на лагата и манипулацијата пресликана во кратенките на владеачките партии, таа подеднакво е индикатор за финалното прекршување на општеството и раскинување со наследените трауми за верба во партијски зборови повеќе од верба во сопствени очи, уши и просудба. Се надевам дека опозицијата ќе разбере дека овој пасус се однесува и на нив. Всушност, пред се на нив.
Разликата во квалитетот помеѓу денешниот и утрешниот протест допрва ќе го разјасни тој битен јаз помеѓу општеството и државата кој е веќе непремостив. Не станува тука збор единствено за изненадувачки офанзивното расположение на денешните бунтувџии, ниту пак за дефанзиваната природа на утрешните јаукања и јадиковски на изгладнетите за почит од владиониот Сплав на Медуза, изгубени во океан на 20 метри од обалата.
Денешниот протест беше општествен според идеа водилка за отрфлање и заедничка желба за надминување на себеси, која убеден сум дека ни СДСМ не е ниту приближно способен да ја препознае и правилно интерпретира (без упаѓање во својата трејд-марк лажливо-плачлива слаткоречивост). Утрешниот протест, иако под печат на ВМРО-ДПМНЕ, однапред може да се оцени како мулти-етнички според природата во која владеат и ВМРО и ДУИ и ДПА (и новите им сателити Беса и Села). Кои своите етникуми ги сметаат како единствена смисла за самото нивно постоење и Тројански Коњ во кој можат да ги сокријат своите индивидуални мотиви на мулти-етнички криминал, карактерен простаклук и духовна злоба од завист. Нивните говори секако ќе бидат забавни за слушање, како секоја претстава во која Чарли Чаплин го рецитира Хамлет, додека Мистер Бин од Зајаз му ги суфлира паролите на Скендербег.
Во секој случај … денес беше мерак да се биде етнички Скопјанец.
Арсим Зеколи – фејсбук статус
