Родилката Јилдз Веапоска денеска од Патологија ги зема парафинските калапи од бубрегот и матката. Ќе ги носи на уште две вештачења за да го потврди она што стои во патолошкиот извештај – дека од нејзиното тело се извадени здрави органи.
Таа истакна дека добивала повици да се помири со д-р Асани, ни потенцира дека одбива и ќе си ја бара правдата до крај и нема да се откаже од кривичната пријава за Асани.
Според неа органите биле здрави, а таа пред да се случи сетот тоа била здрава и права, додека сега половина човек.
Лекарската комора, пак, утре на прес-конференција ќе го брани заклучокот дека првиот човек на струшката болница не направил лекарска грешка. Заменик-претседателот Илбир Бесими за „Утрински брифинг“ практично го повтори она што и вчера го испрати комората како образложение – дека не се вештаци, туку само ја проверуваат стручната работа на медицинските лица.
Следната недела Министерството за здравство ќе ги разгледа сите извештаи од наодите во врска со случајот со родилката во струшката болница, на која при породувањето ѝ беа извадени повеќе органи, а за што Лекарската комора не констатира дека имало грешка.
„Јас пред некој ден спомнав што беше напишано во стручниот извештај и апсолутно не сакам да навлегувам во експертиза на колегите во делот на стручниот извештај, меѓутоа не е само стручниот извештај во случајов, има и други наоди. Тоа е наодот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, тоа е делот од тој наод којшто е пратен во Обвинителството и ние во текот на следната недела тука во Министерството ќе ги разгледуваме сите наоди од сите институции и ќе заземеме став“, изјави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција.