Вечер ќе се палат коледарски огнови: „Црквата е на ставот дека немаат врска со црковно учење, но околу нив се уште можеме да сретнеме свештеници кои ги благословуваат“

од Nikola Popovski
815 прегледи

Вечерва се палат коледарски огнови, кои граѓаните ги сметаат како предвесник на Бадник. Но, со оглед на загадувањето и постојаните нагласувања од црковните лица дека е пагански обичај, неизвесно е дали граѓаните во голем број ќе се соберат во своите населби покрај огнот со чашка ракија и посно јадење. Се присетуваат на веселите дружби околу оганот, но велат дека се помалку има интерес помеѓу луѓето за едно вакво случување. Во минатото голем број од општините им помагаа на луѓето што организираа вакви собири, но во последните неколку години нема донации на дрва по месните заедници и нема поддршка на големи палења на бадникарски огнови речиси во секое маало.

„Подобро огнови во кругот на храмовите, отколку собирање на ледини меѓу зградите“

Верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски, вели дека ако се продолжува да се слави како и досега тогаш не е во ред и прашање е дали на таков начин треба да се практикува празникот. Вели дека му е јасна симболиката на палењето на огнот во пресрет на големиот христијански празник Божик, инспирирана со огнот кој го запалиле пастирите кои биле околу пештерата каде е роден Исус Христос и веќе е воспоставена традиција околу огновите да се собрраат луѓето во исчекувањето на радосната вест.

-Навистина не е во ред пиењето на варената ракија, на виното, правење скари, мрсни јадења, бучна музика дури и со турбо-фолкот, горењето кубици и кубици дрва… Да тргнеме, на пример, од себеси, од обичаите во нашите семејства кога се исчекува породување на сопругата. Дали тогаш, веќе однапред, славиме, пуштаме бучна музика, собираме пријатели или сме стивнати, се грижиме како се ќе помине на породувањето, кое, како што гледаме и ден денеска е ризичен чин, проследен со многу опасности и по мајката и по новороденчето, истакнува Ѓорѓевски за „Локално“.

Бранко Ѓорѓевски

Според него, атмосферата каквашто доминатно ја имаме на вакви собири не му доликува на денот и дециден е дека треба да се промени формата, не само поради дополнителното загадување на воздухот што се прави во овои денови.

-Мене ми е блиска идејата да ако веќе сакаме да постојат огнови, а зошто да не како спомен на огновите од пештерата, тие да не се преместат во самиот храм и неговиот круг. Па таму да се собираме, таму да се одржува споменот, да се присуствува на богослужбите, да се слуша црковна музика… и потоа да се замине дома на бадникови вечери и да се чека денот на раѓањето на Исус Христос. Тоа изгледа логично и поприфатливо отколку собирање околу огнови на ледини меѓу зградите, појаснува Ѓорѓевски.

Пред неколку години беше потпишана повелба со која им се забрануваше на свештениците од скопската епархија на Бадник да присуствуваат и да ги благословуваат бадникарските огнови. За свештениците кои нема да ја почитуваат повелбата на поглаварот се најавуваа и казни. Сепак деновиве не слушаме за таква забрана.

-Вверојатно црковните авторитети сметаа дека немаше потреба да се повторува кога веќе лани беше издадена. Значи, важи претходната забрана која би требало да се почитува од свештениците, а како ќе се почитува ќе видиме. Во нашите црковни кругови има една тенденција со која тие одбегнуваат директни конфронтации со верниците кога се работи за одбележувањето на одредени празници или вршење на одредени обреди. Одамна нашата Црква е на ставот дека ваквите коледарски огнови немаат врска со црковно учење, но околу огновите се уште можеме да сретнеме свештеници кои ги благословуваат. Се знаеше, на пример, дека давањето курбан и колењето на животни не е христијански обичај. Но и во такви случаеви сте можеле да сретнете свештеници кои вршат осветување на новите домови или други објекти на верниците коишто даваат и курбан. Сето тоа покажува дека свештенството не сака радикален прекин туку постепено менување на начинот на празнувањето. Имам разбирање за таквата тактика, но сепак работите треба да се одвиваат малку побрзо. И ние како верници треба повеќе да созреваме во верата, да се едуцираме како е најправилно да се слават одредени празници и да се исполнуваат обичаите, објаснува Ѓорѓевски.

Верскиот аналитичар објаснува дека е подобро дрвјата што се горат и храната и пијалоците што се конзумираат на ваквите собири, да бидат дадени на луѓе на кои што навистина им е потребно.

-Навистина ли треба да се горат кубици и кубици дрва, за коишто добро знаеме колку скапо чинат и на колку луѓе им се попотребни. Мора ли сите дрва да се потрошат, не може ли количеството да се намали, а со што сепак ќе се запази симболиката на којашто се инсистира? Може секако, но на тоа треба да се укаже и да се прифати од оние кои ги организираат огновите, вели Ѓорѓевски.

Да не збориме и за тоа, додава тој, колку пари чини храната, пијалоците коишто се служат околу огновите.

-И тоа е нешто што треба да се смени. бидејќи нема пари да си купи огрев, кој нема пари за храна за своите деца… Зарем има нешто подобро отколку чувство дека на тој ден сме му помогнале на некој чиј дом е студен и кој нема што да стави на божикната трепеза. Секое пренасочување на средствата за хумани цели е за поздравување. Не треба да се плашиме од менувањето на традициите. Со промена на овој план навистина нема да го загубиме идентитетот, уверува верскиот аналитичар.

Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Божидар Јанковски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2024, а Здравичар е актерот Атанас Тановски, кој на платото пред Соборниот храм на 6 јануари ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Н.П.

Слични содржини