Вечерњи лист: Бугарија го користи членството во ЕУ за да го негира македонскиот идентитет

од Nikola Popovski

Осум специфични барања се однесуваат на толкувањето на Бугарија за тоа како треба да изгледа примената на потпишаниот договор за пријателство со Северна Македонија во пракса, стои во текстот на хрватскиот „Вечерњи лист“, кој имал увид во меморандумот споделен од бугарската дипломатија до земјите-членки на ЕУ

Според медиумот, откако доби зелено светло за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ за време на хрватското претседателство со ЕУ во март, С. Македонија очекува првата меѓувладина преговарачка конференција да биде свикана до крајот на годината за време на германското претседателство формално се отвораат првите поглавја, но овој пат Бугарија се заканува блокада.

„Меѓу другото, Бугарите бараат македонскиот јазик да не се нарекува македонски, туку исклучиво „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Бугарија остава впечаток дека го користи членството во ЕУ за да го негира македонскиот идентитет“, пишува хрватскиот весник.

Јазикот е најголемиот проблем

„Процесот на проширување не смее да го легитимира етничкиот и јазичниот инженеринг што се случи за време на поранешните авторитарни режими“, напиша бугарската дипломатија во документот споделен со другите земји-членки, до кој имавме пристап во Брисел. Од Скопје, пак, велат дека не можат да прифатат понижување и да дозволат негирање на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, пишува во текстот на хрватскиот медиум.

Комитетот на постојани претставници (Корепер), во кој членуваат амбасадори од сите земји-членки на ЕУ, разговарал за ова прашање на вчерашниот состанок на Советот на ЕУ во Брисел.

Бугарскиот претставник дистрибуирал „меморандум за појаснување“ во кој се истакнува бугарската верзија на историјата во која придавката „македонски“ не означува национален идентитет, туку географско потекло затоа што „географски и историски Македонија е област која денес лежи во границите на шест држави“, објаснуваат Бугарите.

Тие додаваат дека Јосип Броз Тито наметнал „нов идентитет“ на луѓето кои претходно се декларирале Бугари, Србите подоцна сакале да ги идентификуваат како „јужни Срби“, а Тито ги прогласил за Македонци. И тој го сторил тоа, пишуваат Бугарите, инспирирани од одлуките на Коминтерната.

Според Вечерњи лист, Бугарија можела да биде под притисок на другите земји-членки кои сакаат официјално да го наградат Скопје за напорната работа на почетокот на преговорите со ЕУ.

„Владата на премиерот Зоран Заев исто така се согласи да го смени името на земјата со цел да се отстранат пречките за почеток на преговорите, кои дојдоа од Грција, а пред договорот со Грција беше потпишан договор за пријателски односи со Бугарија, кој требаше да ги отстрани бугарските пречки. Но Бугарите продолжуваат да се закануваат со вето. Дипломатите во Брисел се надеваат дека сè ќе биде измазнето до 10 ноември, кога одлуката за свикување на првата меѓувладина преговарачка конференција треба да биде усвоена од Советот за општи работи на ЕУ.

Надежите се врзуваат и на фактот дека на тој ден во Софија се одржува самит на Берлинскиот процес, чиј копретседатели се Бугарија и С. Македонија. Берлинскиот процес на зајакнување на соработката на Западен Балкан беше дизајниран и силно поттикнат од Германија, што исто така беше клучно за пролетната одлука за зелено светло за време на хрватското претседателство, и е уште поважно сега како актуелен претседател на Советот на ЕУ. Но, бугарските услови кон Северна Македонија се многубројни и прилично тешки. Ниту еден документ, став или изјава на ЕУ и европските институции не може да се толкува како признавање на постоење на посебен таканаречен „македонски јазик“. Преку работата на заедничката комисија од историчари и други експерти, двете влади треба да се договорат за „клучните фигури и настани од нашата заедничка историја до 1944 година“, пишува Вечерњи лист.

Слични содржини