„Вечерњи лист“: Дали знаевте дека дури и Тито повлекува средства од ЕУ?

од Nikola Popovski
691 прегледи

„Не можете да сакате да влезете во Европската Унија и да го демократизирате вашето општество, а од друга страна да го величате еден од најмрачните диктатори, Тито“, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Според загрепскиот „Вечерњи лист“, целта на нејзината изјава е Македонија, од скоро Северна Македонија, која се соочува со сериозни пречки од соседите во процесот на европска интеграција.

Имено, Бугарија се заканува со вето за усвојување на рамката за преговори со С. Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција на која би биле отворени првите поглавја за преговорите.

Логично, оваа изјава предизвика бурни реакции меѓу Македонците, но не само кај нив. „Вечерњи лист“ истакнува и реакции на Флоријан Бибер кој тврдењето на Захариева го нарече апсурдно, па праша како Словенија и Хрватска успеале да влезат во ЕУ.

Величењето на Тито во поранешните југословенски републики секако е приказна за себе, и во секоја република тоа е тема за сериозна полемика и далеку од тоа може да се зборува за некој преовладувачки став. Иако во Македонија, од неодамна С. Македонија, можеби Тито предизвикува и најмалку поделби.

Сепак, „Вечерњи“ потсетува дека дури и еден споменик составен од мозаични камчиња во облик на буквите Тито, успеа да привлече пари од Европскиот земјоделски фонд за рурален развој, така што „може да се каже дека во таа држава Тито дури и повлекува пари од фондовите на ЕУ“.

Она што на Бугарите, конкретно на Захариева ѝ пречи кај Тито, е што го обвинуваат за наметнување нов идентитет на Македонците, бидејќи нив ги сметаат за народ кој претходно се изјаснувале кко Бугари, како и тоа дека Србите пред Тито се обидувале да им наметнат идентитет „јужни Срби“.

Бугарската дипломатија испрати еден „објаснувачки меморандум“ на сите држави членки на ЕУ во кој се наведува дека Јосип Броз Тито – се мисли на измислување на македонскиот идентитет – се чини дека бил инспириран од одлуката на Коминтерната од 1934 година за креирање нови нации, Македонци, Тракијци и Добруѓани.

„Ако продолжиме да затвораме очи пред фактот дека таа земја продолжува да се развива како што тоа го замислиле Тито и Сталин, тогаш ги извршуваме работите на Москва“, изјавила Захариева за телевизијата БТВ, пренесува „Вечерњи лист“.

Слични содржини