Вечерва нов протест за случувањата на Клиниката за Онкологија. Се бара истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, како и целосна ревизија на работата на Онкологија.
Даријан Петров, активист, театарски актер, кој е дел од организацијата на протестите, во своето излагање на претходниот протест рече дека причина за протестот е недовербата во правосудниот систем и институциите. Организаторот Петров најави дека протести ќе се оддржуваат секој понеделник во 18 часот.
-Изминатава недела остваривме и контакт со неколку медицински лица и сме во постојана соработка со истражувачките новинари кои ја почнаа оваа сторија, и згрозени сме од најновите сознанија. На 16.10.2023 ќе ги обелодениме дел од нив со вас, медиумите, и со јавноста. За крај, остануваме на 6-те Ултиматуми како и до сега“, се додава во соопштението од организаторите.
Претседателката на Анкетната комисија за случувањата во Онкологија, Рашела Мизрахи информира дека бараат политичка одговорност, при што се утврдиле заклучоци за поведување постапка за утврдување на одговнорност кај носителите на јавните функции. Верува дека ова ќе биде првата Анкетна комисија која ќе ја заврши задачата, утврдена со одлуката.
-Очекувам дека веќе во понеделник попладне или вторник во текот на денот ќе има закажана седница на Комисијата, додаде Мизрахи, нагласувајќи дека сите заменици и членови на Комисијата се согласиле да работат секој ден вклучувајќи и викенди, доколку темпото тоа го побарува.
-Во процедурата на носење сведоци во Собранието, има процедура, треба да се пратат покани и утврдување од нивна страна. Се работи за луѓе и ќе направам се за да бидете известени и да има простор да бидат присутни на првата закажана седница, рече пратеничката околу тоа дека ќе ги покани и поранешните министри за здравство Беким Сали и Венко Филипче.
Обвинителството отвори истрага за случајот, откако во медиумите беа објавени текстови за разработена криминална бизнис мрежа на Клиника за онкологија за препродавање на лекови, односно дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.
Според пишувањата на дел од медиумите, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според некои неофицијални информации, терапијата се препродавала на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.
Ваквите обвинувања предизивикаа гнев во јавноста и оттогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.