Вечерва се очекува да пристигне во земјава 55-годишниот македонски војник позитивен на Ковид-19 и суспектен на јужноафриканскиот сој. Тој веќе е на пат од Африка кон Македонија со авион за медицинска евакуација обезбеден од ЕУ.
Потполковникот е со средно тешка клиничка слика, а состојбата му се подобрува и оттаму е неизвесно дали ќе може воопшто да се изолира вирус, за да се утврди за кој точно сој се работи.
Заразениот војник ќе биде транспортиран под посебни услови и протоколи и ќе биде во изолација, а целиот персонал на Клиниката за инфективни болести добил препораки строго да внимава и да се придржуваат кон протоколите за работа. Ќе биде сместен во посебна изолирана соба. За оваа информација се чекаат и детали од Министерството за здравство.
Заразениот војник заедно со уште еден војник бил во мисијата на Европската Унија за обучувачи во Централноафриканската република.
„Причината зошто се одлучивме за евакуација е фактот што во Централноафриканската република во рамки на мисијата на ЕУ функционира болница која не може да обезбеди соодветна медицинска помош доколку неговата состојба се влоши и затоа се одлучивме подобро да превенираме отколку птооа да се занимаваме со последиците, изјави министерката Радмила Шекеринска.