
Велешката компанија „Агриа“ на електронско јавно надавање доби 1.136 хектари државно земјоделско земјиште во регионот на Свети Николе по цена од 6.678.000 денари годишна закупнина.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Јавен оглас број 3, за давање под закуп на државно земјоделско земјиште за површини над 3 хектари, биле понудени вкупно 4.484 хектари поделени во четири географски целини во регионот на Свети Николе.
По електронско јавно наддавање, за четвртата географска целина со големина од 1.136 хектари во регионот на Свети Николе, понудата на компанијата „Агриа“ од Велес била единствена и најповолна со цена од 6.678.000 денари годишна закупнина.
По завршување на постапката компанијата ќе потпише договор со кој, меѓу другото, се обврзува да инвестира и 2 милиони евра во рок од 4 години.
За површините од другите географски целини за кои нема понудувачи со комплетна и соодветна документација заедно со нови дополнителни парцели наскоро треба да биде распишан нов јавен оглас за околу 4.200 хектари. Годинава беа објавени 5 јавни огласи и 2 јавни повици каде што се понудени околу 10.000 хектари, а во подготовка за објавување се и нови 3.500 хектари. /МИА