Величковски: Македонија станува дел од „српскиот свет“ на штета на европската иднина

Антиевропскиот сентимент во Македонија – нов ризик за стабилноста на Балканот, изјави за Локално Величковски

од Даниел Ѓорѓиевски
578 прегледи

Политиката на македонскиот премиер Христијан Мицкоски сè повеќе добива контури на геополитичка ориентација кон националистичките и евроскептични лидери како Доналд Трамп, Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган. Неговите последни чекори во меѓународната политика, вклучувајќи го молкот во однос на клучните европски резолуции и неодамнешните дипломатски маневри, го отвораат прашањето – дали Македонија се оддалечува од Европската Унија? Македонија не го поддржа усогласениот став на Европската Унија за Украина во Генералното собрание на Обединетите нации, што аналитичарите го гледаат како обид за дистанцирање од западната политика и сигнал за поддршка на поумерен однос кон Русија. Овој потег е во линија со политиките на Орбан, кој отворено се противи на санкциите кон Москва, и со тактичкиот пристап на Ердоган, кој балансира меѓу Западот и Русија. Со честите повикувања на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Мицкоски се обидува да создаде впечаток дека Македонија би можела да гради посебна релација со САД надвор од европските интеграции. Овој пристап е ризичен, бидејќи Трамп, доколку повторно стане претседател, може да води политика на повлекување од меѓународните институции, што би ја оставило Македонија без поддршка во нејзиниот евроатлантски пат. Врската меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан е добро позната, особено ако се земе предвид дека токму Унгарија му даде азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Орбан ја користи својата позиција во ЕУ за да блокира одлуки што не му одговараат на Кремљ, а неговото влијание врз Македонија може да значи продолжување на таквата политика во регионот.

Лидерот на Движењето за нова република, Ивон Величковски, во изјава за „Локално“ нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ работи на враќање на Северна Македонија во сферата на влијание на Србија, Унгарија и Русија, наместо на приближување кон Европската Унија. Според него, ВМРО-ДПМНЕ, и пред и по изборите, има за цел да го позиционира Скопје во политичка оска со Белград, Бања Лука, Будимпешта и Братислава, при што ја гледа како „линија на лавирање“ меѓу Вашингтон и Москва.  Тој додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ останува спротивставена на европскиот пристап и дека со неспроведување на обврските од Преговарачката рамка, само формално ја блокира државата на патот кон Унијата. Величковски нагласи дека слична политика се спроведува и со поддршка од СДСМ, кој, според него, не се спротивставува на надворешната политика што ја одржува Северна Македонија во зоната на „српскиот свет“. Тој потенцираше дека само Движењето за нова република отворено укажува на потребата Северна Македонија да остане посветена на европските интеграции и на заедничката европска одбранбена политика.

,, И пред и по изборите ВМРО-ДПМНЕ сака да го врати Скопје во оската со Белград-Бањалука-Будимпешта-Братислава, замислувајќи ја како „линија на лавирање“ меѓу Вашингтон и Москва. Ако Мицкоски мисли дека ќе биде поблиску до Белата куќа „намигнувајќи“ кон Москва, за ефектот од потценувачкиот однос во ваквата политика нека ја проанализира посетата на полскиот претседател Дуда на САД. Вашингтон и Брисел (во моментот) концептуално се разликуваат во поглед на гаранциите за одржлив, праведен и траен мир и видот на ангажманот потребен за таков мир во Украина. Останувам на очекувањето дека уште некое време ќе продолжат амплитудите во решенијата, емоциите и пристапите кон постигнувањето мировно решение. Американскиот пристап појдовно е договор со прашални гаранции за Украина фокусиран на критичните суровини, во кој и украинската и воопшто европската безбедност е второстепено прашање. Европскиот пристап е сеопфатен и затоа се фокусира особено на гаранциите за Украина – како прашање за европската безбедност.  Претпазливоста на ЕУ се темели на Кремлинската пракса секој досегашен договор да биде вовед во нови анексии на делови од Украина, со цел Русија да го префрли влијанието во Црноморието и од Молдова кон Балканот, со паралелен притисок кон балтичките држави. Но токму ова Европа ја води кон компримирање и оспособување да води и заедничка одбранбена и надворешна политика и во тоа нема разлики со Обединетото Кралство. Да одговорам прецизно на Вашето прашање: и оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ по 2024, како и онаа до 2016 останува спротивставена на европскиот пристап – и не ја сака интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.  Неспроведувањето на обврските од Преговарачката рамка се само средство за формално блокирање на земјата. Тоа е покритие за одбивноста на Владата, на ВМРО-ДПМНЕ, но и на нејзините сопственици: југо-советските односно српско-руските тајкуни, нивните партии, медиуми, невладини… за членство на РСМ во Унијата, сосе обврските што тоа ги носи во економијата, финансиите, борбата со корупцијата, владеењето на правото… се до заедничката надворешна и одбранбена политика, која не е од интерес на Русија и нејзините проксија. „Новитет“ е што ова сега се одвива во практично содејство со СДСМ, кој не се спротивстави на надворешната политика на Владата заснована на премисата Северна Македонија полујавно да остане во зоната на „српскиот свет“. А оваа „зона“ е дел од проектираната линија на прекин на заедничката европска одбранбена и надворешна политика од Балканот до Средна Европа. Заедно си го дочекаа Додик, заедно му ракоплескаа. Затоа и не инсистираат на амандманот за дополнување на Преамбулата Да резимирам: Ако (за сега) неформален политички ентитет, во моментот само Движењето за нова република јасно укажува дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и има национална и континентална обврска да помага во градењето и да учествува во заедничката европска (одбранбена) политика. Впрочем транс-атланското партнерство тоа не го исклучува, напротив. Сите тоа го знаат – но очигледно немаат сила тоа да го кажат. Или не смеат?” изјави Величковски

Ивон Величковски

Ивон Величковски

Величковски, упати критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја за меѓународна изолација и недоследност во надворешната политика. Според него, премиерот Христијан Мицкоски, како и претседателката Силјановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, веќе се изолирани од Европа, а односите со САД исто така не се на завидно ниво. Величковски ја коментираше тезата за потенцијалната геополитичка „оска“ меѓу САД, Унгарија и Турција, предупредувајќи дека вакви претпоставки може да доведат до погрешни заклучоци. Тој ја посочи улогата на Турција во поддршката за Украина и присуството на нејзиниот министер за надворешни работи на самитот во Лондон, нагласувајќи дека македонската влада треба внимателно да ја позиционира својата надворешна политика. Осврнувајќи се на неодамнешната заедничка прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Величковски истакна дека молкот на македонскиот премиер за поддршката на решението за две држави во однос на израелско-палестинскиот конфликт е во спротивност со досегашните ставови на Мицкоски. „Со кого е согласен Мицкоски – со Трамп, кој зборува за иселување на Палестинците од Газа, или со Ердоган, кој го поддржува концептот за независни држави Палестина и Израел?“ – прашува Величковски. Претседателот на Нова Република го коментираше и гласањето на Северна Македонија во Обединетите Нации по резолуциите предложени од САД и ЕУ за Украина, оценувајќи дека тоа не било „пех“, туку намерно дистанцирање на Скопје од заедничката европска политика. Според него, ова гласање покажало дека Владата паднала на првиот тест во Брисел, но не добила позитивни поени ниту во Вашингтон. Величковски, исто така, ги критикуваше македонските политички лидери за тоа што не заземаат јасен став во однос на агресијата врз Украина. „Додека европските лидери јасно го осудија нападот, македонскиот премиер честиташе Прочка, а лидерот на опозицијата воодушевено коментираше за карневалот во Струмица“, рече Величковски, додавајќи дека таквиот пристап е неодговорен. На крајот, Величковски предупреди дека најголем ризик за стабилноста на земјата е антиевропскиот сентимент што го шири Владата, додека парламентарната опозиција останува пасивна во клучни моменти. Според него, ако политичките партии сметаат дека наредните избори ќе се сведат на локални теми како „клупи, паркови и асфалтирање“, треба сериозно да размислат повторно. „Се чини дека пораката веќе им беше испратена, колку и да се обидуваат да ја игнорираат“, заклучи тој.

,,Мицкоски, како и Силјановска-Давкова и Муцунски веќе се изолирани од Европа, а некако ми личи дека ни по САД не им „цветаат рози“. Погоре ја споменавте тезата за „оска САД-Унгарија-Турција“. Ако се земат предвид односот и помошта од Турција во однос на агресијата врз Украина и присуството на турскиот министер за надворешни работи на самитот во Лондон минатиот викенд, би предупредил дека погрешна премиса може да не одведе во погрешен заклучок. На заедничката прес-конференција, северномакедонскиот премиер со молк се согласи со турскиот претседател дека нашата Владата го поддржува решението за две држави во однос на Израел и Палестина. Ова фактички е во спротивност со досегашните позиции на Мицкоски имајќи го предвид неговото недвосмислено подредување во редот на „трампистите“ на кое инсистира со трите посети на САД. Имено, со кого е согласен Мицкоски – со Трамп, дека би ги иселил Палестинците од Газа или со Ердоган, дека го поддржува концептот одделни држави Палестина и Израел?  Гласањето на Северна Македонија во ОН по резолуциите од САД и ЕУ за Украина не беше пех, напротив, тоа беше смислено дистанцирање на официјално Скопје од усогласената политика на Брисел, од ставовите на Лондон, Париз, Берлин, Рим, Варшава… Европската резолуција за Украина беше усвоена од Генералното собрание, а резолуцијата на САД мина во Советот за безбедност без вето од Франција или Обединетото Кралство. Скопје, едноставно, падна на првиот јавен тест во Брисел, а не доби „петка“ во Вашингтон: илустративно за ЕУ, небитно за САД. Кога дипломатијата и политиката ти зависи од други, ним „ловориките“, за тебе – последиците. Во однос на молкот по средбата Трамп-Зеленски, да ве потсетам: додека повикував македонските политичари да се произнесат дали се согласуваат со констатацијата дека Украина е нападната и дека прекинот на агресијата од Русија може да биде вовед во мир – ставот на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше честитка за Прочка, а на пратеникот и претседател на СДСМ дека го воодушевила енергијата на Струмичкиот карневал. Пораката за обајцата останува: „Тој што сака да им се допадне на сите – нема да му се допадне никому“.  На ВМРО-ДПМНЕ им е полна устата барање „гаранции за идентитетот“, СДСМ изрази разбирање за таквиот обид, а сите молчат за потребата од давањето гаранции за суверенитетот на Украина како основа за одржлив и траен мир за Украина и безбедност за сите ЕУ членки и кандидати, вклучително Северна Македонија.  Конечно, се изострува сликата дека извор на дестабилизацијата на земјата може да биде антиевропскиот сентимент фактички што го шири Владата, а со тивкоста во клучни моменти го негува парламентарната опозиција. Ако било кој политички субјект смета дека националната политика може да се води како до сега или сметаат дека следните избори ќе бидат на тема „клупи, паркови, асфалтирање 200 метри локален пат“ – нека размислат повторно. Впрочем, ми личи дека една таква порака веќе им беше упатена, колку и да сакаат да ја „спинуваат“ или да глумат дека не ја разбираат” изјави Величковски.

Величковски, предупредува дека македонските политички елити молчеле на обидот за вбројување на Северна Македонија во „српскиот свет“, кој го гледа како балканско прокси на „рускиот свет“. „Оваа стратегија не е нова – таа е обликувана во панславизмот и пан-московското православие, спротивставено на Вселенската патријаршија“, изјави Величковски. Тој повика на споредба меѓу предизвиците со кои се соочила Северна Македонија и оние на Украина, истакнувајќи дека земјата ги решила сите клучни прашања преку Рамковниот, Преспанскиот и Софискиот договор, со согласност од соседите и поддршка од Западот. Величковски остро ја критикуваше стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, тврдејќи дека партијата создава лажни дилеми. „Сега не се избира меѓу ‘Тито или Сталин’ – реалноста е дека треба да застанеме со Европа пред руската агресија. Југославија повеќе не постои, но таа стратегија останува жива во главите на некои политичари“, нагласи тој. Лидерот на Нова Република побара од Владата и парламентарната опозиција да разјаснат дали имаат преземено обврски надвор од Скопје и Брисел, кои го кочат пристапувањето во ЕУ. Величковски предупреди дека ако Владата и опозицијата продолжат со одолговлекување, тогаш граѓаните ќе станат опозиција на целата политичка елита. Според него, актуелните функционери се исплашени од општествената револуција на народите кои сакаат да бидат дел од Европа, наместо да ја напуштаат својата татковина. Тој додаде дека во мултиполарниот свет, малите нации ќе се позиционираат успешно само ако останат верни на своите стратешки партнери.

,,На таквата опасност по нашата дипломатија и воопшто државна политика предупредувам од моментот кога македонските политичари го одмолчаа обидот за вбројување на Северна Македонија во „српскиот свет“ како балканско прокси на „рускиот свет“ (претходно обликуван во панславизам, пан-московско православие спротивставено на Вселенската патријаршија и сл.)  Исто како што постојано напоменувам дека само треба да направиме споредба меѓу предизвиците што (Северна) Македонија ги имаше и ги реши низ Рамковниот, Преспанскиот и Софискиот договор со оние со кои е соочена Украина – за да сфатиме дека имаме добиено се што сме барале со векови и децении – со согласност со сите соседи и со голем ангажман на западните пријатели.  Да ја разобличиме и Пи-Ар стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи: сега не се бира меѓу „Тито или Сталин“, туку се застанува со Европа пред агресија од Русија. Тито е умрен пред 40 и кусур години, неговата земја не постои 30 и кусур. Живи се само во нивните глави. Таа стратегија е спротивна на припадноста на нацијата на Северна Македонија и македонскиот народ во Европа и просторно и економски и културолошки.  Сакате да ја расчистиме „маглата“: Владата и парламентарната опозиција веднаш треба да одговорат кон кого и какви обврски вон Скопје и Брисел имаат преземено за да го закочат пристапувањето во ЕУ? Имаат само еден начин како да потврдат дека немаат преземено обврски кон други центри: Кажувајќи кој ден и во колку часот ќе го поднесат амандманот на Преамбулата и во неполни 3 месеци ќе ја завршат процедурата.  Од тој момент Владата не се крие зад оваа фалшлива „неврзаност“ и спроведува јасно преземени обврски и исцртан пат кон полноправното членство во ЕУ. И од тој момент парламентарната опозиција не се крие зад „политичка коректност“, ги спроведува своите предизборни декларации без да го храни легитимитетот на актуелната владина политика.  Ако не – нацијата ќе стане опозиција на својата власт и на нејзините подизведувачи во парламентарната опозиција. Мицкоски, Силјановска-Давкова, Муцунски, Меџити, Филипче… ова го знаат бидејќи го гледаат во – Белград. Гледајќи како Вучиќ сега бара начин да го врати општествено-политичкиот процес во Србија во меѓупартиски рамки – тие се принудени да молчат и да се надеваат дека „и ова ќе помине само од себе“. Не, нема.  Моменталните функционери јужно од Босна и Херцеговина ги плаши општествената револуција на народите и нациите кои сакаат да бидат дел од Европа, а не да се селат во Европа. Функционерите одамна не се во допир со општеството кое живее надвор од нивниот „меур“ на тендери и економска моќ, тајни договарања за тензии и пресови, пресови на пресовите и држење во живот на непостоечки теми. Во мултиполарниот свет што се трансформира пред нашите очи, помалите нации успешно ќе се снајдат и позиционираат доколку се држат до своите партнери. Во нашиот случај, имаме предност што на обете страни на Атлантикот има согласност дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија,, одговори на прашањето дали Македонија настојува да стане сојузник на Русија” завршува Величковски.

Д.Ѓ

Слични содржини