Величковски: Рамковните договори со банките се клучна алатка за заштита на потрошувачките права

од Vladimir Zorba
369 прегледи

Граѓаните во кое било време можат да ги затворат платежните сметки и платежните картички, при што банките не смеат да наплатат надоместок за тоа, доколку договорот којшто клиентот го има со банката е постар од шест месеци. На барање на клиентот, банката е должна веднаш да ја затвори сметката, но доколку во договорот е предвиден отказен рок, тогаш банката има рок најмногу 30 дена за прекинување на услугата, којшто е утврден со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за емисијата „Само прашај” на Институтот за комуникациски студии.

Правата и обврските за платежните услуги, како за банките, така и за граѓаните се уредуваат со рамковен договор. Оттаму, многу е важно граѓаните внимателно да го прочитаат пред да го потпишат. Доколку банката не обезбедува услуги во согласност со рамковниот договор, или, пак, надоместоците коишто ги наплатува не се во согласност со прописите, граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, како и поплака до Народната банка којашто соодветно ќе биде разгледана, укажува директорот Величковски. Тој посочува и дека граѓаните имаат право да ги заменат старите договори коишто ги склучиле пред примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, односно пред 1 јануари 2023 и да ги заменат со нови рамковни договори, со што би обезбедиле поголема правна заштита.

Величковски наведува дека доколку договорот којшто го има клиентот со банката е пократок од шест месеци, банката не смее да им наплати надоместок со којшто ќе оствари заработка, туку во висина на реалните трошоци коишто таа ги има за затворање на производот. „На пример, ако се обраќаме на 15-ти во месецот за да го прекинеме производот платежна сметка или платежна картичка, надоместокот којшто може да ни го наплати банката ќе изнесува една половина од надоместокот утврден во тарифникот за тој месец. Ако банката наплатува на пример 40 денари месечно за одржување на платежната сметка, а ние се обраќаме на 15-тиот ден од месецот, банката може да ни наплати само 20 денари за месечното одржување на платежната сметка. Доколку банката го наплатила надоместокот на почетокот на месецот, авансно, должна е да ни врати 20 денари при затворањето на платежната сметка”, појаснува Величковски. Тој додава дека истиот принцип се применува и кога граѓаните сакаат да затворат и дебитна или кредитна картичка, или, пак, одредени онлајн услуги како што е мобилното или електронското банкарство, или која било друга услуга за која банката наплатува одредено месечно или годишно одржување на сметката или производот.

Слични содржини