Велика Британија и Канада воведоа санкции против белорускиот претседател Александар Лукашенко, неговиот син и други високи функционери денес во врска со обвинувањата дека нивната влада ги лажирала изборите и употребила насилство врз демонстрантите
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб рече дека Лукашенко треба да ја плати цената за кршење на човековите права и изборни измами. Раб го спомена и сојузникот на Лукашенко, рускиот претседател Владимир Путин, иако ниту една од мерките што ги објави Велика Британија не се однесува на Русија.
„Не можеме само да имаме ситуација во која некој како Александар Лукашенко и Владимир Путин мислат дека кршењето на човековите права и местењето на овие избори може едноставно да поминат без тие да одговараат“, рече Раб.
Мерките вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имот за осум лица од белоруската влада, вклучувајќи ги Лукашенко, неговиот син Виктор Лукашенко, шефот на претседателската администрација Игор Сергенко, како и министерот за внатрешни работи на Белорусија.
Канада воведе слични санкции, а на нејзината листа се наоѓаат Лукашенко и уште 10 други.
Канадскиот министер за надворешни работи Франсоа-Филип Шампањ рече дека „Канада нема мирно да стои додека белоруската влада продолжи систематски да ги крши човековите права и не покаже дека е искрено посветена на изнаоѓање на заедничко решение со опозициските групи“
Санкциите прво ги воведоа големите западни сили поради кризата во Белорусија, пренесува Ројтерс.
Европската унија, која Велика Британија ја напушти во јануари, соопшти дека ќе воведе санкции за белоруските власти, но списокот со сите имиња сè уште не е формиран.
Балтичките држави Литванија, Латвија и Естонија веќе воведоа санкции кон крајот на август, проширувајќи ги на над 100 белоруски службеници вклучени во кршење на човековите права.
Извори минатата недела откриле за Ројтерс дека и САД планираат санкции.
Инаку, повеќе од 12.000 лица се уапсени во масовни демонстрации откако Лукашенко, кој е на власт 26 години, победи на претседателските избори на 9 август, за кои опозицијата тврди дека биле наместени.
Лукашенко, кој негира изборни измами, положи заклетва за седми мандат на тајна церемонија.